Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање дали Џамбаски на чествувањето на Гоце Делчев, на 4 февруари ќе биде вратен од граница, кратко одговори дека тој ден ќе одлучат што ќе прават. За Спасовски врвен приоритет е Владата да го зачува мирот и стабилноста во државата.
-Не е добро за политичките односи и внатре во државата и помеѓу соседите. Знаеме дека секогаш имаме радикални структури кои поради лични или други интереси сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите. Од друга страна, никако не смееме да дозволиме да се наруши безбедноста на нашите граѓани. Владата вчера разговараше на оваа тема, го заложи МВР да преземе надлежности во зачувувањето на безбедноста и стабилност во соработка со Агенцијата за национална безбедност, изјави Спасовски.
Владата на вчерашната седница го одби предлогот на претседателот Стево Пендаровски да се воведе забрана за неколку лица од Бугарија. Пендаровски, напоменувајќи дека тој според неговите надлежности може само да предложи ваква мерка, рече дека предлогот за забрана на влезот во Македонија се однесувал на повеќе лица од Бугарија, меѓу кои и еден пратеник на земјата во Европскиот парламент.