четврток, 21. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нацев: БИОЛОШКА БЕЗБЕДНОСТ

Нацев: БИОЛОШКА БЕЗБЕДНОСТ

Професорот Александар Нацев на својот Фејсбук профил сподели статус поврзан со коронавирусот.

-БИОЛОШКА БЕЗБЕДНОСТ

Моменталната состојба во светот со корона вирусот извади на површина голем број на безбедносни ранливости и слабости на современите општества. И покрај тоа што многу бргу по појавувањето на вирусот се констатираше дека се работи за сериозна безбедносна закана од биолошка природа, сепак заради лоша координација, несериозно сфаќање на состојбата, задоцнета реакција на авторитетите, но и поради несериозниот однос на граѓаните, многу земји во светот се доведоа во ситуација да се немоќни да го спречат ширењето на вирусот, односно да ги предвидат неговите развојни патишта. Токму затоа, потребно е дополнително фокусирање на биолошките закани и нивните ефекти.

Биолошките закани се биолошки агенси или состојби предизвикани од биолошки агенси кои може да предизвикаат нарушување на безбедносната состојба. Биолошката безбедност вклучува превземање активности за борба против биолошки закани, намалување на безбедносни ризици, како и подготвителни активности за препознавање, справување и опоравување од биолошки инциденти. Некои од активностите кои се превземаат се: набљудување на националната, регионалната и глобалната состојба во доменот на биолошката безбедност, подигнување на општествената свесност и култура на превенција за биолошки инциденти, контрола на производството и пролиферацијата на биолошко оружје, контра-терористички активности, здравствено планирање, подготвеност и развој на медицински контрамерки и слично. За да се превземаат синхронизирано сите овие активности и да се осигура дека националната безбедност на една држава е подготвена за инциденти од биолошка природа, потребно е државните органи да развијат национална стратегија за биолошка безбедност, во која прецизно ќе се направи делинеација на улогите и обврските на секој државен орган, но и на приватните компании (примарно оние кои се занимаваат со здравствени услуги, но и сите оние кои во случај на биолошки инциденти би биле ангажирани) и секако оваа стратегија мора да ја опфаќа и целокупната јавност и да дава насоки за постапување на граѓаните.

Многу мал број од државите кои се погодени од корона вирусот, во својот национален безбедносен систем, во арсеналот на стратешки безбедносни и одбранбени документи, имаат план или стратегија која се однесува на биолошки закани, кои може да бидат последица на напад со биолошко оружје или на природни непогоди, но и на пандемии од светски размери. „Националната стратегија за биолошка одбрана на САД“, но и „Стратегијата за биолошка безбедност“ на Обединетото Кралство за два одлични примери за навремено предвидување на потенцијални безбедносни закани, во кои точно се идентификувани активностите, надлежностите и очекуваните постапки на сите општествени чинители. Нека моменталната состојба со корона вирусот биде предупредување и поттик за безбедносните авторитети во Република Македонија да почнат посериозно да се занимаваат со биолошката безбедност и навремено препознавање и справување со биолошки инциденти, стои во неговиот пост на Фејсбук.

Најнови вести