Според мене нивниот револт е оправдан и треба на тие луѓе да им се најде достоинствено решение, вели Александар Нацев, универзитетски професор во денешното гостување во емисијата Филибастер на Радио Лидер, по вчерашниот протест од синдикалната организација на професионални војници, откако се постави лимит професионалните војници до 45 години да можат во Армијата на државата, додавајќи дека тоа се професионалци кои одговорно му служеле на системот дури и по 25 години.
Го видовме вчерашното изразување на незадоволството од страна на професионалните војници. Вчерашниот протест беше од страна на синдикатот на професионални војници кои што излегоа со свои барања кои што се разумни и рационални, бидејќи најверојатно голем дел од тие барања им биле ветени од страна на нивниот работодавач, и кои што тие секако имаат интерес како синдикална организација да ги испорачаат на своите членови, додаде Нацев.
Професионалните војници се една категорија кои што многу успешни во она што го работата, навистина врвни професионалци и сега тој лимит кој што државата го постави до 45 години да можат да работата во Армијата, според нив, а и според мене, можеби да за изведување на борбени операции тој лимит е доволен, но сепак тоа се луѓе кои што долги години, некои од нив по 20, 25 години служеле на системот, служеле во рамките на Министерството за одбрана, и според мене претставува вистинска штета такви професионалци кои што се научени да и служат на државата во една институција која што бара дисциплина и одговорност, да бидат заборавени и според мене нивниот револт е оправдан и треба на тие луѓе да им се најде достоинствено решение, смета тој.