Денешниот ден ни донесе многу настани, од кои најголем дел се во насока на конфирмација на тезата дека во Македонија владее хибриден режим, и дека голем број од структуралните системи на државата се потклекнати, пишува на својата Фејсбук страница универзитетскиот професор по одбрана и безбедност Александар Нацев.
Неколку пати зборував за слабостите во безбедносниот систем, а денес на жалост морам да констатирам дека и правосудниот систем е девастиран и дека се користи за рекетирање и изнуди. Снимките кои ги слушнавме укажуваат на јасна поврзаност помеѓу неколку различни структури тесно поврзани со власта, кои преку матни зделки имаат за цел да изрекетираат огромни суми пари.
Затоа не треба да се чудиме кога нашата држава котира многу лошо на сите меѓународни истражувања и скали за корупција, транспарентност и слобода на граѓаните.
Како капак на се, видовме и снимка од казнено поправна институција каде се одржуваат партиски состаноци и затвореници се колнат на лојалност на политичката партија на власт.