Кога ви е поважно да одвоите цел ден за да се клатите пред камера во украден видео спот, а не ве интересираат условите во кои работи Армијата на Република Македонија, јасно е дека војската ќе ја плати цената, изјави на денешната прес-конференција Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
Кога ви е приоритет да одговарате на прашања од типот „благо без кое не може да живеете?”, јасно е дека војниците ќе мрзнат, вели Нацев.
-Почитувани, овие греалки се сликата за условите во кои работат припадниците на Армијата во 21 век. Ова не се НАТО стандарди. Во касарната „Илинден“ веќе неколку дена војниците и старешните се оставени без греење. Војниците се насочуваат да земаат слободни денови, за да има помалку луѓе во работните простории. Целта е да се исклучуваат некои грејни тела, бидејќи ако секаде се вклучат грејни тела во павилјоните, паѓаат и избиваат осигурувачи, открива тој.
-На војниците им се наредува да се собираат во една просторија, каде што групно ќе се греат на греалици, кои им било кажано да ги донесат од дома. Дополнително, војниците дури и потценувачки се охрабруваат да издржат уште неколку дена без парно, бидејќи ќе се затоплело времето, па немало да биде толку ладно, додава НАцев.
-До кога со декларативни заложби и лажна загриженост за војската? До кога војниците ќе ги трпат на свој грб незаинтересираноста и неефикасноста на тимот на Шекеринска, кој е составен од партиски послушници, а не од професионалци кои ја сакаат Армијата и кои сакаат да придонесат за нејзино оптимално функционирање, прашува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
-После 12-ти април следува обнова на Македонија, а обезбедувањето на соодветни финансиски и материјални услови за припадниците на Армијата ќе стане приоритет, порача Нацев на Денешната прес-конференција.