Професорката Мирјана Најческа беше еден од интелектуалците кои најжестоко се бореа против владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Се чини, таа е секогаш на браникот на она во што верува, а своите ставови и барања ги брани жестоко и бескомпромисно.
Во интервјуто за „Економски Лидер“, професорката ги покажува своите разочарувања и сомнежи од тоа што институциите го испуштија од раце експремиерот Никола Груевски, кој побегна во Унгарија каде што бара азил.
Најчевска вели дека најмалку што може да се очекува е одговорност изразена преку оставка или разрешување на Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во прилог, целото интервју на Лидер со Мирјана Најческа:
Додека полицијата го бараше, тој ја отпоздрави од Унгарија. Екс-премиерот Никола Груевски се чини и ја заврши работата на полицијата и сам се јави од Будимпешта. Дали ова беша една голема бркотница или уште поголема игра на власта?
Има индикации дека станува збор за договорени активности со кои е овозможено бегството на осудениот криминалец Никола Груевски, меѓутоа постои голема можност да станува збор за предвидлив резултат од неизвршената деконструкција на институциите и нивното ослободување од корумпираниот кадар кој го поддржувал и овозможувал владеењето на Никола Груевски.
Дали ова сценарио беше оддамна планирано и поврзано со обезбедување на мнозинство за отварање на Уставот?
Не можам да ја отфрлам оваа можност, меѓутоа тоа е изводливо само во ситуација на непостоење независно јавно обвинителство, потполно партиски зависно судство и корумпирано МВР.
Власта распиша меѓународна потерница, Груевски побара политички азил. Дали процедурата ќе се одвива на мускули, кој е помоќен и кој има поголеми меѓународни контакти?
Прво, не постои категорија политички азил заради тоа што не постои економски азил. Значи, секој азил препознаен во моментов од страна на меѓународната заедница е азил од политички причини. Второ, Република Македонија од страна на меѓународната заедница е прогласена за безбедна држава и секое давање на азил од политички причини ќе значи негирање на оценките на меѓународната заедница.
Дали власта, односно министерството за внарешни работи извиси? Како е можно Груевски да ја напушти земјата со одземен пасош и тоа не во соседна земја?
Да, МВР дефинитивно не постапи согласно законите и своите надлежности и заради тоа мора да поднесат одговорност како директно инволвираните така и највисокото раководство во министерството.
Дали власта знаела дека Никола Груевски поседува и друг пасош а во игра се и големи пари?
На ова прашање не би можела да одговорам. Во секој случај добро организирано МВР би требало да има соодветни информации врз основа на кои вообичаено се базираат и натамошните активности.
Која е сега правната процедурата за враќање на екс-премиерот во земјава?
Постојат повеќе начини, меѓутоа во основа се се сведува на некој од облиците на екстрадиција.
Успеја ли Гревски да си ја оствари целта, а цената за тоа да ја плаќаат неговите сопартијци осомничени во случаите на СЈО?
Не би можела да кажам која му била цел на Никола Груевски (освен да не одговара за сторените кривични дела). Сигурна сум дека бегството ќе создаде услови за барање построги мерки на обезбедување на останатите обивинети.
Треба ли власта да понесе политичка одговорност за бегството на Груевски?
Да. Мора да се понесе политичка одговорност. Најмало нешто што треба да се направи е оставка/разрешување на министерот за внатрешни работи. Меѓутоа, ова подразбира и сериозно преиспитување на досегашното делување на владејачките партии кои дозволија опстојување на старите структури и стариот начин на делување во сите институции на власта.
Посебно треба да се преиспита отсуството на приоритетните активности во насока на обезбедување функционални контролни механизми како што се: Уставен суд, Комисија за заштита од дискриминација, Комисија за спречување на корупција, Народен правобранител, …