Професорката Мирјана Најчевска на својот Фејсбук профил објави статус во кој тврди дека градоначалниците на општината Аеродром Златко Марин и на Скопје Петре Шилегов лажат.
-Градоначалниците на општината и на градот лажат. На 15.01.2018 изгласан е Законот за урбано зеленило (http://www.sobranie.mk/materialdetails.nspx…). Според овој закон постои посебна постапка во која секој оној кој сака да пресече дрво на сопствениот имот треба претходно да добие дозвола за тоа.
Член 29
(1) Постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење на оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење, започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност. (2) Врз основа на поднесеното барање од ставот (1) на овој член, општината или градот Скопје должни се да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: “С” или кастрење: “К”).
(3) Со решението од став (1) на овој член се определува извршителот и рокот во кој истото ќе се спроведе, согласно со Правилникот од од член 12 став (3) од овој закон.
(4) Против решението од ставот (3) од овој член може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Значи, или тој што ги исекол дрвјата го прекршил законот и треба да биде казнет или е издадена дозвола што одговорноста ја поместува кон локалните власти.
Или, кој лаже тој и краде и …, пишува Најчевска во својот најнов пост на Фејсбук.
Дрвјата кај „Тобако 2” исечени со амин од Шилегов и Град Скопје
Инаку дрвјата во скопската општина Аеродром, на парцела кај „Тобако 2”, за што граѓаните реагираат веќе подолго време, се исечени со одобрение од Град Скопје, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за „Лидер“.
-Инвеститорот на објектот до Град Скопје поднел барање за одобрение за сечење на дрвјата во функција на подготовка на опарцелата за градба. Со барањето има поднесено правосилно решение за градба, таканаречена градежна дозвола за предметната локација и Град скопје е обврзан да му издаде одобрение за сечење на садниците. Инвеститорот се обврзал по завршувањето на градбата да засади нови садници, вели портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху во изјава за Лидер.
Инаку, изведбата на зградата ја прави фирмата Специјал Градба. Нејзиниот сопственик е Кочо Стојчески, бизнисмен и раководител на сектор за локален економски развој во општина Центар.
Во време на градоначалникот Андреј Жерновски, Стојчески беше унапреден од хаусмајстор во инспектор во Центар. Тој беше потпишан и зад инспекцискиот надзор на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Во изјава за нашата редакција вели дека нема конфликт меѓу неговите бизниси и државната работа.
Вчера, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека е приватна парцелата каде вчера се сечеа дрва за да се гради станбено деловен комплекс. Во изјава за „1ТВ“ Марин тврди дека бидејќи е парцелата приватна, општината нема надлежност.
Според видео објавено на социјалните мрежи вчера попладне беше уништена зелена површина кај „Тобако 2“ во Аеродром. Тешка механизација ги сечеше и откорнуваше дрвјата за да го подготви просторот за градежни активности. Под дрвјата до сега имаше парк со детски реквизити.
Според информативната табла на локацијата, инвеститор на објектот кој треба да почне да се гради е „Порта Инжинеринг Груп“. Изведувач на работите е фирмата „Специјал градба“. Одобрението за градење е издадено на 4-ти април оваа година.
Аеродромци незадоволни- еве каде следно ќе удри секирата на Марин
Граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“ деновиве реагира на облаците прав кои се креваат од новите градилишта во населбата.
Стотици граѓани коментираат на Фејсбук страницата на #СакамеАеродромДаДише и повикуваат на протест.
Аеродром никогаш не бил позапуштен, улиците не се метат, а тревата не се коси – се дел од коментарите кои може да се прочитаат на социјалните мрежи.
-Главната причина поради која победи кандидатот на СДСМ-Златко Марин е тоа што ветуваше дека нема да биде ист како Ивица Коневски од ВМРО ДПМНЕ, а тој не само што не е ист, туку е и полош, вели за Лидер активистката Искра Манојлоска од граѓанската иницијатива.
Актуелниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин, пред изборите ветуваше ревизија на сите ДУП-ови, но тоа не се случи.
-Во моментов колку што јас сум запознаена, истовремено на три парцели се започнати градежни активности. Едната е во Острово до Тинекс Дисконтот, каде што беше срушена игротеката. За потребата на објектот кој ќе се изгради ќе се пробие нова улица на местото на паркот со детски лулашки кој ќе биде уништен. За пробивањето на улицата ќе бидат пресечени десетина 40 годишни дрва, додава Манојлоска.
Загадувањето на воздухот во Аеродром е алармантно. Со изградбата на нови згради и сечење на стари дрва, животот во општината станува неподнослив.
Активистката вели дека е разочарана од довчерашните соборци, кои како што вели, откако дојде новата централна и локална власт одеднаш станале апатични и престанале да се бунтуваат.