Оваа власт многу јасно, многу отворено настапува со тоа дека не само што е спремна туку сака да ги користи услугите на професионалците, меѓутоа доаѓаме до ситуација кога не тапшаат по рамо и ни викаат дека супер нешто сте сработиле кога ништо не сме работеле, дека сме извршиле големо влијание, кога апсолутно никакво влијание не сме имале и дека сме ја извршиле својата задача и покрај тоа што ние се уште разговараме за тоа што е навистина нашата задача, истакна Мирјана Најчевска, во емисијата „10минути“ на Телевизија 21.
Најчевска за изјавите на Зоран Заев и Миле Бошњаковски дека целата влада е задоволна од работата на Советот за реформи во правосудството, констатираше дека или Заев и владата на СДСМ имаат мали очекувања од нив како Совет за реформи во правосудството или дека на некаков начин се обидувале да го затскријат она што претставува политички наместо правно и професионално делување, односно да ги замаскираат и да ги спакуваат политичките решенија во правна обвивка.
-Значи она основното што е проблематично во самиот Совет е она што од почеток никој во Советот не знае за што е наменет Советот. Значи од првиот состанок на Советот ние се обидувавме да дознаеме што е нашата надлежност, што е нашиот мандат, на кој начин ќе го советуваме и всушност ги поминавме овие месеци обидувајќи се да дадеме нешто во ситуација на потполн хаос за да завршиме на крајот од минатата година со договор дека ќе направиме деловник кој што ќе ја утврди и надлежноста и организацијата и начинот на работа на Советот. Меѓутоа ние сме имале сосема друга замисла за она што и како треба да правиме, од она што е замисла на владејачката структура, рече Најчевска.
Најчевска додаде дека тие како Совет располагале со многу малку информации и само на два состаноци разговарале за Стратегијата, не знаеле што точно се случувало со нивните предлози и какво било влијанието кое што го вршеле врз Стратегијата и не добиле никаков повратна информација од претставувањето на Стратегијата пред надворешниот фактор, посебно во Брисел.
-Значи со се првиот констутивен совет се одржаа 5-6 состаноци максимум за овие 6 месеци. Ние упорно баравме да се направи тајминг на редовно одржување на состаноци, еднаш месечно, двапати месечно и слично. Тоа го побаравме од министерот уште на првиот состанок. Да се поделиме во групи според нашата експертиза за да можеме поефикасно и ние да работиме и посоодветно да бидат искористени сите наши знаења и нашето искуство. Меѓутоа тоа не беше прифатено, изјави Најчевска.
Најчевска истакна дека материјалите потребни за одржување на седницата пристигнувале многу доцна. сите членови на Советот не биле на време консултирани за точки и на тој начин не само што почнал да отпаѓа ентузијазмот за работи во Советот туку почнала да расте свеста кај нив како членови на Советот за реформи дека на некаков начин се искористени.
-Се создава привид дека постои едно такво тело, дека тоа тело има суштинско влијание во она што се случува во реформирањето на правосудниот систем а всушност ние едноставно само доаѓаме, си правиме муабет и си одиме за саат два без никакви реални влијанија, никаков реален импакт врз самите законски текстови, констатираше Најчевска.