Објавувањето на Законот за употреба на јазиците воопшто не значи дека тој може веднаш да се примени во пракса. Пред да почнат да се менуваат називи и да се бара употреба на албанскиот јазик, треба да се докаже дека тие сочинуваат 20% од населението, пишува професорката Мирјана Најчевска во реакцијата по денешното официјализирање на важноста на Законот за употребата на јазиците.
„Процедурата за донесување на Законот е соодветна, што воопшто не го прави помалку несоодветен самиот закон… И ете – Законот е изгласан. И во него стои определбата: “јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“. Во моментот кога во закон ќе бидат ставени бројки, тие мора и да се почитуваат. За да се почитуваат мора да се знае точно дали е навистина достигнат бараниот процент. За да се знае дали е навистина достигнат бараниот процент мора да се знае колкаво е точно населението во Република Македонија и дали има етничка/јазична заедница која го исполнува бараниот услов.
Ова не може да се базира на претпоставки (бидејќи е суштински елемент на Законот), туку мора да се измери. Со оглед на тоа дека во Македонија не е направен попис од 2002 година, во моментов нема релевантни податоци за тоа дали некоја од јазичните малцински заедници го исполнува условот предвиден во Законот.
Тоа значи дека Законот не смее да се употребува се додека не биде направен попис. Така е тоа кога во закон ќе ставиш прецизни бројки. Мораш до нив и да се држиш. Сѐ друго ќе биде политички волунтаризам и спротивно на одредбите на Законот“, пишува Најчевска на својот Фејсбук профил.