Намалување на водостојот на најголемиот дел од реките односно пониско ниво од просекот за ноември регистрира денеска Управата за хидро-метеоролошки работи.
Нивото на реката Вардар кај Велес е 60 сантиметри, а ноемврискиот просек 76 сантиметри, а голем пад на нивото на водата се бележи и кај реката Црн Дрим кај Ложани, каде се измерени 39 сантиметри. Просекот за ноември на ова мерно место е 98 сантиметри.
Пониско ниво има и реката Струмица, кај Ново Село. Таму новото на водата изнесувало 30 сантиметри, а просекот на мерења за месец ноември бил 81 сантиметар.
За разлика од нивоата на реките, нивоата на езерата воопшто немаат или немаат голем пад. Така според податоците на УХМР, нивото на вода во Дојранското Езеро е 146,79 мнм, а ноемврискиот просек бил 144,12. Нивото на Охридското Езеро утрово изнесувало 693,12 мнм, а просек за ноември бил 693,26. Пад на нивото на водата се бележи кај Преспанското Езеро каде се измерени 842,35, а просек за ноември бил 843,75.