Денес во 16 часот и 33 минути и официјално ѝ кажавме добредојде на долгоочекуваната пролет. На првиот ден од пролетта, денот и ноќта траат 12 часа и се еднакви, па тој ден се нарекува ден на пролетна рамноденица.
Со оглед на тоа дека пролетта започна денес, на многумина можеби им е чудно што во училиште учеле дека пролетта започнува на 21 март.
Зошто се сменил датумот?
Не сте научиле погрешно. До 2011 година, пролетта започнуваше на 21 март. Оттогаш, барем за жителите на северната хемисфера, пролетта започнува на 20 март, па, зошто е тоа така?
„Пролетта почнува на 20 март од 2011 година, дотогаш датумот се менуваше меѓу 20 и 21 март. Така ќе биде до 2048 година, кога почетокот на пролетта ќе биде меѓу 19 и 20 март. Дури во 2102 година почетокот на пролетта ќе се врати на 20 и 21 март“, вели Бранко Симоновиќ од Астрономското друштво „Руѓер Бошковиќ“.
Пролетта започнува кога Сонцето, во своето годишно движење, го преминува екваторот и започнува да се движи кон север. Денес, Сонцето изгреа точно на исток во 5 часот и 35 минути и ќе зајде на запад во 17 часот и 45 минути.
Два различни методи
Имено, постојат два различни методи за одредување на почетокот и крајот на годишните времиња, метеоролошки и астрономски.
Метеоролошкиот метод го користат метеоролозите кои ја набљудуваат температурата и состојбата на атмосферата. Според овој метод, секоја сезона трае по три месеци, а пролетта трае од 1 март до 31 мај.
Вториот метод се базира на астрономските сезони и се однесува на положбата на орбитата на Земјата во однос на Сонцето. Почетокот на годишните времиња се поврзува со времетраењето на денот. Астрономски, пролетта доаѓа кога Сонцето преминува од јужната на северната хемисфера. Тогаш сонцето изгрева на исток, а заоѓа на западната страна на хоризонтот. Денот и ноќта траат подеднакво и затоа тој ден се нарекува ден на пролетна рамноденица. Токму со овој метод денес доаѓа пролетта.