Бројот на жртви од вчерашната ужасна сообраќајка се искачи на 14.
Меѓу загинатите има и млади лица на возраст меѓу 25-30 години чиј идентитет се уште не е познат, а мобилизирани се сите расположиви сили на медицинските центри во Скопје кои непрекинато се посветени на борба за животите на луѓето во критична состојба, како и мониторинг и нега на повредените патници кои се во стабилна состојба.
Меѓу повредените има и бремена жена, која е во добра здравствена состојба.
Оваа трагедија ја зави Македонија во црно. Граѓаните изразуваат сочувство до семејствата на загинатите.
Денес и утре се денови на жалост.
Од вкупно згрижените 37 лица во ГОБ „8 Септември“, четири се во критична состојба, а сериозна е и состојбата на уште двајца повредени кои се хоспитализирани во Ургентниот центар. Седум лица го загубиле животот на самото место на несреќата, а другите седум им подлегнале на повредите.
Имињата на 14 загинати се уште не се соопштени зашто во тек е нивна идетификација на Институтот за судска медицина.
Засега, познато е дека автобусот со 51 патник од Скопје тргнал во 16.15 часот, а со него најчесто патувале јавни службеници и студенти од Гостивар.
Тој, според досегашните информации, поминал на спротивната коловозна лента, влегол на регионалниот пат и паднал во удолнината. На лице место починале седум луѓе.