Учениците се на зимски распуст, но наставниците овие денови, или поточно ноќи, ги користат за си ги исполнат административните обврски со пополнување податоци во електронскиот дневник. Технички проблеми повторно има, па за да избегнат застои во системот, тие навечер внесуваат податоци на учениците. Ова пополнување е нивна законска обврска, а ако не ја исполнуваат на време, се соочуваат со казни од просветните инспектори, објавува Мета.
Зорица Милкова, наставничка во „Тошо Велков – Пепето“ во Кавадарци вели дека водењето педагошката евиденција во е-дневникот продолжува со тоа што се внесуваат описите оцени на учениците кои потоа ќе им бидат доделени во евидентните листи на родителски состанок.
– Во текот на оваа учебна година има и измени во оценувањето кај учениците од 4-то, 5-то и 6-то одделение, тие повеќе не добиваат бројчани оцени за полугодие, туку описни. Технички проблеми при внесувањето на податоците во е-дневник ги имало, а претпоставувам дека и понатаму ќе ги има. Затоа сѐ повеќе наставници го практикуваат ноќното внесување на податоци. Тогаш системот е послободен и поретко паѓа. Се случува дел од податоците при паѓање на мрежата и да се изгубат, но и да се дуплираат. Затоа треба и да направиме проверка откако повторно ќе се најавиме – вели Милкова.
Дополнителен проблем е и тоа што оделенските наставници кои предваат во 4-то, 5-то и 6-то одделение, во електронскиот дневник немаат опција да ги внесат описните оценки, туку таму постои само графа за бројчани оцени.
„Мета.мк“ неодамна објави дека Министерството за образование и наука (МОН), укажа дека наставниците не треба да внесат ретроактивно сѐ што е пропуштено, туку само оценките, изостаноците и полугодишните оценки. Претходно, околу една година системот воопшто не функционираше бидејќи надлежните не можеа да најдат фирма што ќе го одржува системот.
– Имајќи предвид дека постоеше застој во функционирањето на платформата, Министерството за образование и наука пред извесен период до училиштата достави допис со кој беше побарано наставниците да ги ажурираат само основните податоци за учениците, полугодишните оценки и изостаноците – рекоа оттаму.
Во меѓувреме, во МОН ветија дека од почетокот на второто полугодие, родителите повторно ќе почнат да добиваат смс-пораки со поведението, изостаноците и успехот на нивните деца.
Во државата има 17.887 вработени наставници во основно образование и 7.400 во средно образование. Сите имаат обврска да пополнуваат електронски дневник. Системот не функционираше затоа што МОН од април лани, кога истече договорот со старата фирма, не распиша тендер за избор на нова компанија која ќе го ажурира системот. Од пред неколку месеци, избрана е фирмата „Сорсикс”.