На состанокот на НАТО во формат Шефови на држави и влади, одржан во Лондон во декември 2019та година, лидерите на земјите членки побараа од Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг да стартува еден процес кој треба да даде визија за иднината на НАТО и за зајакнување на политичката димензија на Алијансата. За да ја оствари оваа цел, во април 2020та година, Генералниот Секретар на НАТО формираше независна Истражувачка Група, и ја задолжи Групата да му достави препораки за неколку области, кои се круцијални за НАТО и неговото постоење. По екстензивни консултации во и надвор од НАТО, со кои беа опфатени научници, лидери од бизнис и технолошкиот сектор, пратеници, воени претставници и владини претставници од сите 30 земји членки, најголемиот дел на земјите партнери, и бројни меѓународни институции, Групата му го презентираше на Генералниот Секретар својот финален извештај, насловен НАТО 2030: Обединети за нова ера.
Одредени извадоци од овој извештај, кои беа претставени во светските медиуми, беа фокусирани на Кина, држава за која НАТО Алијансата немаше формални дискусии до пред една година. Во една своја дискусија за Извештајот НАТО 2030, поранешниот американски дипломат Вес Мичел, кој беше и еден од ко-претседавачите на Истражувачката група, ќе изјави „Русија останува примарната воена закана за Алијансата во догледна иднина, но подемот на Кина во овој момент е најголемата и најважна промена во стратешката околина на НАТО и претставува нешто на што Алијансата мора да се посвети“. Во Извештајот, Групата ја советува Алијансата „да посвети многу повеќе време, политички ресурси и акција во однос на безбедносните предизвици кои доаѓаат од Кина“.
Во едно свое интервју за „Политико“, во декември 2020 година, во однос на прашањето на Кина, Столтенберг ќе изјави „Сите сме свесни дека глобалниот баланс на сила се менува значајно. Подемот на Кина навистина ја менува безбедносната средина со која се соочуваме“, и ја продолжува својата изјава со предупредување дека Пекинг не само што го има вториот по големина воен буџет во светот (по САД), но и „силно инвестира во развој на нови капацитети, кои вклучуваат и развој на нуклеарни оружја, ракети и нови технологии“.
Во однос на односите помеѓу НАТО и Кина, неговиот коментар е „Силата на Кина – воената сила, економската сила, нивниот напредок во технологијата – само ја зголемува важноста на НАТО. Ниту една земја членка на НАТО, дури ни САД, не можат да се спротивстават на ова сами.“ Столтенберг исто така застапува став дека НАТО треба да воспостави соработка со други земји кои исто така се во незавидна положба заради подемот на Кина, притоа набројувајќи ги Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд. Исто така, не треба да се занемари и фактот дека кон крајот на 2020та година, министрите за надворешни работи на НАТО сојузниците ја одобрија и првата проценка за односите помеѓу НАТО и Кина, која сеуште е класифицирана информација.
Од сето ова можеме да заклучиме дека кога лидерите на 30те земји членки на НАТО ќе се сретнат на следниот самит во Брисел за неколку месеци, пред нив ќе имаат за разгледување една многу важна точка, а тоа е како ќе изгледа иднината на НАТО. Ова ќе биде воедно и првиот поголем меѓународен самит за новиот претседател на САД, Џо Бајден, кој веќе најави дека зајакнувањето на врските со сојузниците ќе биде еден од приоритетите на неговата надворешна политика. Одлуките кои ќе се донесат на овој самит ќе ги одредат идните насоки за НАТО, плановите и приоритетите за следниот период, вклучувајќи го и односот и политиката на НАТО кон Кина.
Aнализа на доц д-р Александар Нацев