Субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување од 18 на 5 отсто или укинување на ДДВ-то на менструалните производи, обезбедување на бесплатни пакети со менструални производи за ученичките вклучени во образовниот процес, компаниите во тоалетите покрај тоалетната хартија, во женските кабини да имаат и менструални производи кои ќе бидат оставени бесплатно на располагање на жените; во моловите во женските тоалети да има бесплатен пристап до менструални производи; во хотелските соби да има бесплатен пристап до менструалните производи и менструално отсуство, се дел од барањата кои денеска на прес-конференција ги упатија од Новинари за човекови права во рамки на неделата за управување со менструалното здравје, што се одржува од 28 мај до 3 јуни.
Барањето за намалување на цената на менструалните производи преку намалување на ДДВ-то од 18 на 5 отсто, претставниците од Новинари за човекови права и од Платформата за родова еднаквост денеска го доставија до Министерството за финансии. Оттаму велат дека со намалувањето на ДДВ-то ќе се намали цената за 30 денари на месечно ниво, 350 денари на годишно ниво или 13 милиони денари на годишно ниво во буџетот ќе стасат помалку.
Во земјава, 29,5 отсто од жените не можат да си дозволат никаков пристап до менструални производи за управување со менструалното здравје, па наместо стандардните производи користат весници, хартија или самонаправени влошки од текстил и 75,6 отсто од нив изјавиле дека причината за тоа е високата цена на производите, велат податоците од Трошковната анализа на менструални производи, која беше презентирана од страна на Новинари за човекови права.
Наташа Доковска, програмски директор во Новинари за човекови права истакна дека според анализата, кај нас жените во просек трошат околу 250 денари месечно за менструални трошоци, еден до два дена во месецот отсуствуваат од работа поради дисменореа (менструални болки), 70 отсто изјавиле дека за време на периодот пијат лекови за намалување на болките, што во просек го зголемува месечниот издаток за управување со менструалното здравје за дополнителни 150 денари.
Според анализата, жените за менструални производи имаат месечни трошоци во износ од 250 денари, 150 денари за лекови, 1000 денари за две дневници и 15 до 17 отсто од месечните примања.
Малта и Ирска се земји на ЕУ каде се укинати ДДВ-то на менструални производи, додека пак највисоко ДДВ имаат Унгарија 27 отсто, 25 отсто Данска, Хрватска и Шведска, 21 отсто Литванија, 20 отсто Грција…
Во земјите од соседството висината на ДДВ-то на производи за управување со менструалното здравје се движи од 21 отсто во Црна Гора, 20 отсто во Албанија и Србија, 18 отсто Северна Македонија и Косово и 17 отсто Босна и Херцеговина.
За поевтино и поквалитетно управување со менструалното здравје (УМЗ), како што се посочува во анализата, неопходно е намалување на цената на менструалните производи преку намалување на ДДВ-то од 18 на 5 отсто и субвенционирање на УМЗ, субвенционирање на менструалната чашка, free period – или пристап до бесплатни производи за менструално здравје на сите ученички вклучени во редовниот образовен процес.
– Придобивки од користењето на чашката се намалувањето на инфекциите кај жената, како и заштитата на животната средина. Според податоците од институтот за јавно здравје бројот на инфекции кај жените како резултат на несоодветно користење на менструалните влошки е зголемен за 70 отсто. За разлика од влошките и тампоните, голем број студии покажуваат дека менструалните чашки се најбезбедни, а истовремено и создаваат најмалку отпад. Само колку за илустрација во Северна Македонија месечно се фрлаат шест милиони парчиња, ако се знае дека 400.000 жени се во репродуктивен период и ако секоја од нив во текот на месечниот циклус користи по 15 влошки. Free period – или пристап до бесплатни производи за менструално здравје на сите ученички вклучени во редовниот образовен процес. За непречен пристап до менструални производи на државата и се потребни 159.280.560 денари или 2.654.676 евра за секоја ученичка во текот на една година, истакна Доковска.