Штрајкот во образованието продолжува и во наредните денови, а продолжуваат и преговорите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) со Министерството за образование и наука (МОН).
Претседателот на СОНК Јаким Неделков во објава на Фејсбук вели дека вработените во градинките кои штрајкуваат се соочуваат со притисоци и разни дописи за заплашување.
-Четврти ден од почетокот на штрајкот во градинките и училиштата, без понуда за зголемување на платите. Наместо наоѓање на решение на проблемот, МТСП врши обид да ги заплашува штрајкувачите во градинките со разноразни дописи. Почит и поддршка до сите вработени во градинките и училиштата кои се во штрајк и препорака да го прочитате текстот од химната на СОНК. Се ви е кажано, пишува Неделков.
Неделков вчера изјави дека очекуваат до утре до 12 часот да имаат понуда за да можат да ја дистрибуираат, да соберат повратни информации и евентуално Советот на СОНК да донесе одлука и да има време да се објави дека од понеделник ќе продолжи наставата или, како што рече, ќе кажат дека нема решение и Советот не ќе може да ја смени одлуката затоа што членството не ја прифаќа понудата и ќе мора да продолжи штрајкот.
Тој апелира што побрзо да се дојде до решение и да се врати нормалниот тек во училиштата и во градинките.
Членовите на СОНК во училиштата и детските градинки од понеделникот се во штрајк, поради барањето за зголемување на платите.