среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нема абер од изградбата на новата Клиничка болница во Штип

Нема абер од изградбата на новата Клиничка болница во Штип

Од март 2018 година пациентите од источниот дел на Македонија требаше да се лекуваат во новиот објект на Клиничката болница во Штип. Ваков рок од претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, му беше зададен на изведувачот на овој здравствен комплекс при почетокот на неговата изградба на почетокот од март 2016 година.

По изминати две години и шест месеци, шест месеци откако требаше да биде пуштен во употреба објектот, на терен може да се констатира дека не е довршена во целост ниту карабината на новата Клиничка болница во Штип.

Градежните работи после парламентарните избори во неколку наврати беа запрени, со што се одолговлечи изградата на здравствениот комплекс.

Министерот за здравство Венко Филипче при неодамнешната посета на болницата во Штип изјави дека новиот клинички центар во овој град ќе биде завршен кон крајот на 2019 година, не одговарајќи зошто толку долго се доцни со изградбата на објектот.

Инаку станува збор за изградба на нова најсовремена Клиничка болница во Штип, според врвни светски стандарди со најмодерна и најквалитетна здравствена инфраструктура во Македонија, проект започнат од претходната Влада.

Изградбата на новиот објект требаше да им овозможи современи услови за здравствена заштита за над 200.000 жители од Штип и целиот Источен регион, кои би имале директен бенефит од изградбата на новиот објект.

Вкупната вредност на новиот клинички центар со вкупна површина од 34.000 квадратни метри е 56 милиони евра, од кои 30 милиони евра само во градежниот дел, а финансиските средства беа обезбедени уште пред самата изградба на објектот.

Најнови вести