четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нема друга земја, освен Македонија, каде новинар е осуден на затвор, а главата на „Рекет“ е нечепната

Нема друга земја, освен Македонија, каде новинар е осуден на затвор, а главата на „Рекет“ е нечепната

Главниот и одговорен уредник на порталот „Инфомакс“, Александар Митовски, експресно и на прво рочиште,  беше обвинет и осуден на 6 месеци затвор за оддавање службена тајна при објавувањето на исказите на сведокот Орце Камчев.

-Тука не важат повеќе закони, не важи Устав, не важат меѓународни договори, не важат повелби за човекови права и слободи, не важи ништо освен политичкиот интерес на Зоран Заев кој што се најде засегнат од текстот кој што е спорен според овој суд и ова обвинителство дека бил споменат како човек кој што ги информирал Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец дека против нив е покрената постапка со цел да не биде тој човекот кој што ќе биде фатен како организира рекетарска шема во државава. Јас само од тука можам да порачам дека апсолутно сум горд на ова што го работам, можам да кажам само дека нема да престанам ова да го работам иако како што најави судијката Љубинка Башевска за која што добивме информации дека добивала и нарачки за пресудава, а и некои друг мои колеги ги објавија овие информации, таа ја исполни нарачката, а ја и порачувам побрзо да ја унапредат како награда за ова што таа денес мене успеа да ме осуди на 6 месеци условно.Ова е срамота, срамен ден за Македонија, за слободата на говоро, за слободата на медиумите и човековите права, изјави вчера Митовски.

Додека новинар се осудува на казна затвор, најголемите криминални скандали остануваат неразрешени. „Рекет“ обелодени вмешаност на луѓе од врвот на власта и партијата на Зоран Заев, но како единствени обвинети остануваат Боки 13 и Катица Јанева, а осуден по признание е Зоран Милевски-Кичеец.

За јавноста е кристално јасно дека овие лица, без поддршка од високи функционери, немало да можат така дрско да рекетираат. За време на судските рочишта, беа наведени имињата на екс-премиерот, на низа функционери од СДСМ, како и на лица блиски до Заев. Но, за нив нема истрага, а уште помалку казна за стореното.

Така, на властите им беше полесно да глумат добро судство осудувајќи новинар.

Чадиковски: Јавниот интерес е пред се, обвинителството наместо да го пронајде кртот, го осуди оној кој ги објавил информациите

На пресудата реагираше и претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски . Тој истакна дека овој процес и ваквата пресуда не води кон подобрување на климата во општеството и деека јавниот интерес е пред се.

-И кога беше поднесена пријавата и сега сметам дека гонењето врз основа на искажан збор не води кон подобра клима во општеството. Свесен за улогата и одговорноста на новинарите при вакви сензибилни теми, па дури и кога постојат индиции за прекршување на законите, сметам дека мора да се води сметка за поширокиот јавен интерес.  Од друга страна останува нејасно зошто обвинителството не го пронајде кртот кој ги украл исказите од таму, па единствен виновник се бара во тој што ги објавил, вели Чадиковски.

МАН: Судот потврди дека во Македонија владее хибриден режим, заканата кон сите новинари е јасна и директна

Реакција на МАН за одлуката на Судот против новинарот и уредник Александар Митовски, вчера испрати и Македонската асоцијација на новинари.

„Македонија се соочи со исклучително силен удар врз новинарската професија, јавниот интерес и основното граѓанско право да се знае вистината за работата на јавните институции, за корупцијата на политичарите и севкупниот судско-обвинителски систем. Со пресудата за затворска казна од 6 месеци за новинарот Александар Митевски, уредник на порталот Инфомакс, судско-обвинителскиот систем ја потврди оценката дека во земјата владее хибриден режим.

Митовски е осуден на затворска казна од шест месеци затоа што објавил документ од јавното обвинителството кој е денес во јавна постапка пред судот во случајот “Рекет“. Документот не е со статус ниту на државна ниту службена тајна.

Зошто е толку важен тој документ, тој исказ на сведок за “Рекет“ кој се крие од јавноста, за да се објави а денес обвинителството преку одлука на судот да казни новинар со шест месеци затвор, единствена таква казна во Европа.

Затоа што јавното обвинителство со недели тврдеше дека во сведочењата за “Рекет“ не се спомнуваат политичари, исказот на сведокот кој го објави уредникот Александар Митевски го покажа – сосема спротивното.

Дека во објавениот документ, сведочењето, се спомнуваат политичари почнувајќи од поранешниот премиер Зоран Заев до повеќе негови блиски соработници од власта. Тој објавен документ покажа и докажа дека Јавното обвинителство свесно крие учество во “Рекет“ на премиер и негови блиски соработници. Затоа не смееше да биде објавен, а откако се објави новинарот е осуден на шест месеци затвор како поука до другите новинари дека не смеаат никогаш да напишат ништо што е штетно за оваа власт, за овие обвинители и судии. Заканата е сосема јасна и директна.

Од оваа закана на власта и обвинителството и судството кои, очигледно се во служба на една партија, на СДСМ, не е само закана за новинарството, туку и за целата јавност која не смее да ги знае фактите и вистината, јавност која после ова мора да живее во лага и пропаганда на власта затоа што доколку некој има што да каже и објави, ќе биде осуден на затворска казна.

Јавноста треба да знае: новинарите имаат што да кажат, имаат и информации, и сведоци и документи но – не смеат тоа да го објават. Оваа стварност која ја креира пропагандата на власта не е вистина, вистината е скриена кај обвинителите и судиите.

За оваа режимска и скандалозна одлука на Судот, МАН ги извести Меѓународната и Европската федерација на новинари.

За сите следни чекори кои ќе ги преземеме, јавноста ќе биде навремено известена“.

Најнови вести