Производителите на домати од струмичко во агонија. Производството им скапува по нивите оти нема ниту откуп ниту пласман. Васе Цветков од Просениково со денови се обидува да го продаде производството кое амбалажирано му стои во дворот. Тврди дека околу 14 тони домати стојат на нивите, пренесува Телевизија 24.
„Неорганизирано, неплански, нема редовен откуп, сега два дена нема откуп. Беше 10, па 12, 15 денари, сега падна на нула. Имаме предадено 14 тони, а има уште толку.“ – вели Васе Цветков производител од Просениково.
Слична е состојбата и во дворот на Коле Спасов од Пиперево. Ги спремаше доматите за на пазар. Вели дека ќе го остави производството на нива оти нема сила да ги собере и да гледа како дома му скапува.
„Катастрофа е откупот, нема цена и нема каде да се пласира.“ – вели Коле Спасов, прозводител од Пиперево.
По почетнииот солиден откуп, изминатава седмица производителите контуинирано се жалат на ниските цени и немање откуп и пласман при што бараат интервенции од државата.
Од Министерството за земјоделство велат дека се следи состојбата на терен и веќе се во комуникација и се договара вишокот домати да го откупат домашните преработувачи. Паралелно соопштуваат дека ако земјдоелците остваруваат загуби од призоводната и продажната цена министерството може да излезе со дополнителни мерки за производителите.