недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

НЕМА ПРОПУСТИ ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА МАЛАТА ЈАНА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА Ова е деталниот извештај на ДСЗИ

НЕМА ПРОПУСТИ ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА МАЛАТА ЈАНА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА Ова е деталниот извештај на ДСЗИ

„Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на Државниот санитарен и здравствен инспекторат“.

Ова е заклучокот во соопштението до јавноста што го испрати ДСЗИ, кој на ден 24.03.2023 година изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола – одделение за педијатрија, во врска со лекувањето и третманот на починатиот пациент Јана Христовска од село Кравари-Битола.

Согласно надлежностите, Инспекторатот извршил увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма, а обезбедил и изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на лицето.

ДСЗИ ја констатира следната фактичка состојба:

Детето било донесено за преглед на одделението на 22.03.2023 г. околу 10,00 ч. без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед специјалист педијатар, кој искреирал „итен упат“ со упатна дијагноза E86 – дехидратација во 10:07 ч.

Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кое мајката и дала сируп Co-almacin.

Ден пред приемот е без покачена температура , со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете по што мајката го прекинала сирупот.

Од клиничкиот преглед, во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик.

Потоа креиран е упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени се примероци од крв и урина за анализа и потоа ординирана терапија –„Хипоглусал 1“ – 500 мл. ( 250 мл. 5% Глукоза и 250 мл. 0,9% Натриум хлорид) и amp. Bedoxin. По добиените резултати, во 10:45 ч земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус.

По завршување на инфузијата, состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност. Докторката која извршила првично преглед побарала помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч. и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата.

Во меѓувреме, детето прави срцев застој, по што е направена е реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти – педијатри од ЈЗУ УК за детски болести од оддел за кардиологија и за неврологија за транспорт во таа здравствена установа.

По препорака на специјалистот – анестезиолог во болницата направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус (креатин киназа и тропонин) во 13.34 ч и во 13.49 ч.

Поради дополнително влошување на состојбата, во 14,00 ч детето е пренесено во службата за интензивно лекување САРИЛ, каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15.20 ч.

По изјава на двете докторки – специјалисти педијатри по добиените резултати од направените ензимски иследувања за покачени показатели за срцево страдање (креатин киназа и тропонин) известена е мајката на детето за сериозноста на состојбата.

Телото на починатото дете е дадено на обдукција.

Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ.

Најнови вести