Марина од Скопје деновиве наместо да се грижи за повредениот син била во потрага низ аптеките во градот за да најде тетанус вакцина или серум. Нејзиното дете се исекло на раката од оградата во училиштето.
На Клиниката за Инфективни болести речиси една недела ја немаат оваа терапија која е неопходна за пациенти каснати од куче или со исекотини на телото. Иако синот на Марина е редовно вакциниран согласно календарот за имунизација, матичниот лекар им кажал дека треба вакцина поради сериозноста на повредата, дознава Сител.
-Се повреди вчера на оградата во училиштето. Го однесовме во болница таму ја сошија раната, а матичната не упати на Инфективна за тетанус вакцина. Немаше, ја барав сегде и од Инфективна прво велат нема потреба, ама матичната кажа мора и јас не сакам да ризикувам со здравјето на моето дете, вели Наумоска Марина, за Сител.
Од Инфективна потврдија дека немаат тетанус вакцина и серум. Ги потрошиле количините бидејќи имаат зголемен број на пациенти кои имаат потреба од ваква терапија, а кај нив доаѓале и од другите градови. Нејасно е што прават пациентите ако не најдат лек во аптека.
Инфектолозите велат дека во зависност од повредата, пациентот може да добие и вакцина и серум. Речиси секој ден во полицискиот билтен има по најмалку еден случај на каснат од куче.