Денеска во Скопје на 54-годишна возраст ненадејно почина долгогодишниот македонски спортски новинар, Зоран Поповски.
Поповски имаше повеќе од дводецениско новинарско искуство, работејќи за повеќе медиуми како „А1“, „Дневник“, „Македонски спорт“, „Спортмедиа“, „Република“, а од летото 2018 година беше во „Спортманија“.
Како новинар вљубеник во фудбалот, тој известуваше најмногу од фудбалски настани, а меѓу долгата листа настани од кои известуваше се и историското за нас Европско првенство во 2021 на кое за првпат играше Македонија, како и ЕП за младинци во Полска во 2017 година.
Погребот ќе биде извршен утре на градските гробишта Бутел, во 13 часот, а телото ќе биде изложено во капелата од 12 часот.