вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Непотизмот царува: Државните институции преполнети со деца и роднини на функционери од власта

Непотизмот царува: Државните институции преполнети со деца и роднини на функционери од власта

Во Владата и во единиците на локалната самоуправа предводени од СДСМ, слободно може да се каже дека царува непотизмот, барем според примерите кои беа откриени во последниот период.

Последни примери кои силно одекнаа во јавноста и предизвикаа бројни негативни коментари се вработувањата на синот на Мирослав Грчев и ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, во АД ЕЛЕМ.

Од петти април оваа година, Бесија Џафери, ќерка на Талат Џафери во ЕЛЕМ е вработена како референт за правни работи. Од истиот датум пак како инженер за животна средина е вработен и Димитар Грчев , син на архитектот Мирослав Грчев, кој во исто време е и советник во Министерството за култура и голем промотор и поддржувач на политиките на СДСМ, како сега така и во минатото.

Од семејството Џафери околу овој случај на непотизам владееше молк, додека пак до семејството Грчеви, поточно Димитар Грчев на социјалните мрежи се пофали дека работи во ЕЛЕМ, статус кој подоцна го избриша, откако на него имаше голем број на негативни коментари.

-Да, работам за ЕЛЕМ. Благодарам на интересот, дефинитивно го немаше кога работев во фабрика во Штип.

П.С. Во Штип повеќе плаќаа. – пишува Грчев на неговиот Фејсбук профил.

Уште еден случај за вработување во ЕЛЕМ во јавноста беше откриен пред десетина дена. Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи и висок функционер во владејачката партија СДСМ си го вработила нејзиниот сопруг Љубислав Несторовски во ЕЛЕМ.

Од претходно е познат и примерот со братот на битолската градоначалничка, Наташа Петровска, кој е вработен како наставник по математика во ОУ „Елпида Караманди“, веднаш откако беше поставен нов директор на училиштето од страна на градоначалник.

-Денес ја прашуваме градоначалничката Наташа Петровска, дали е точно дека нејзиниот брат е вработен како наставник по математика во ОУ „Елпида Караманди“, веднаш по поставувањето на партиски кадар за директор на ова основно училиште. Ја прашуваме исто така, дали е точно дека вд директорката на ОУ „Даме Груев“ е сопруга на директорот на ЈКП „Комуналец“, Панде Богоевски и дали директорките на двете гимназии во Битола се исто така во роднинска врска. Зборот транспарентност го слушавме во текот на целата предизборна кампања, па очекуваме и ние и граѓаните на таков начин да добиеме одговор на овие прашања, рече Викторија Христовска од ВМРО-ДПМНЕ во јануари оваа година.

Градоначалничката на Битола пак даде оправдување дека нивниот брат бил единствен пријавен кандидат на огласот за работното место наставник по математика, што според многумина звучи нереално.

Во февруари овој месец ВМРО-ДПМНЕ откри дека случај на непотизам и во Берово, каде беше извршена корекција на распоредот на предметни наставници, при што сопругата на градоначалникот Звонко Пекевски, доби часови само во Берово. За разлика од неа останатите наставници патуваат и по 15 километри, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Последниот скандал во однос на непотизмот е откриен денеска, а станува збор за градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски.

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп обвинуваат дека изминуваат 6 месеци од кога СДСМ и Илија Јованоски се на чело на Локалната самоуправа во Прилеп. 6 месеци полни со лицемерие и неработење. 6 месеци во кои „животот дојде“ и во Прилеп, но само за блиските до градоначалникот Јованоски и тие во врвот на СДСМ. Непотизам на секој чекор. Непотизам на секоја страна.

-После 6 месеци, редно е градоначалникот Јованоски да и одговори на прилепската јавност: дали неговата внука Цвете Станојоска си ја вработи во Општина Прилеп? Дали другата внука си ја вработи во градинката „Наша иднина“? Се замеша ли Јованоски и во бизнис секторот, па својот зет за сестра го постави за Директор на Стопанска комора во Прилеп?, прашува Петар Ристоски, претседател на ОК Прилеп на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека сите советници од владејачката коалиција се вработуваат во јавните претпријатија во градот, кои нели според СДСМ кога беше опозиција беа пренатрупани.

-Дали сопругот на директорката на ОУ „Кире Гаврилоски“ беше најдобар кадар на огласот, па затоа него го вработивте во ЈП Водовод и канализација? Дали меѓу многуте блиски роднини на функционери на СДСМ во општина Прилеп е експресно вработен и синот на директорот на ОУ „Гоце Делчев“? Дали меѓу нив во економското училиште е вработен и синот на директорот на затворот во Прилеп?, прашува Ристоски.

Тој потенцираше дека ова се само дел од роднините на функционерите на СДСМ вработени во овие неколку месеци. На тие истите на кои устите им беа полни во минатото со зборовите чесност и транспарентност.

-Наши сограѓани, дел од раководството на СДСМ, дали на ваков начин планирате да ги задржите младите во Прилеп? Дали грижејќи се само за вас лично планирате да му ја кроите иднината на Прилеп? Дали ова беше Вашата програма г-дине Јованоски за враќање на младите во Прилеп?, праша Ристоски.

Тој вели дека прилепчани не очекуваа и не заслужуваат ваков однос од новата власт.

-Прилеп и прилепчани се срамат од негрижата за градот на градоначалникот и луѓето блиски до него. Прилеп и прилепчани заслужуваат многу подобро!, заврши Ристоски.

Најнови вести