Високите температури, невообичаени за овој период од годината, негативно влијаат врз земјоделството.
Површинскиот слој на почвата нема доволно влага, сеидбата е отежната, а слабо е и поникнувањето.
Агрометеорлозите велат дека топлото време кое во одредени региони достигнуваше 27 – 28 степени, е посебно лошо, дури и катастрофално за пчелите.
– Околу 75 – 90 литри на метар квадратен е дефицитот на влага во почвата поради невообичаено високите температури. Во септември и октомври просечно врнат по 80 до 105 литри на метар квадратен, а оваа година во Скопје наврнаа најмногу 16 литри, во Битола четири, а во Штип еден литар. Отстапувањата се големи. Влага во подлабоките слоеви на почвата има, но не и во површинските, а баш тука е потребна, истакнува агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР.
Според него, онаму каде што беа заорани стрништата има услови да влезе потешка механизација за сеидба, но тоа не е можно на површините каде не е заорано.
-На повеќето површини стрништата не се заорани поради што ваквите услови, топло време, високи температури, не се поволни за есенската сеидба. Дополнителен проблем направија натпросечните 27 – 28 степени кои допонително го дехидрираа површинскиот слој. Долгото задржување на семенскиот материјал во почвата, непоникнат и неизртен, е цел на инсекти, птици и животинки кои може да го соберат, нагласува Ангелески.
Она што е посеано во септември (маслодајна репка), слабо поникнува. Есенскиот јачмен исто, или тешко или воопшто, а оптималните рокови за сеидба, дополнува агрометеорлогот, поминаа.
Роковите за сеидба на пченицата се уште течат. Препорака е земјоделците да влезат со механизација каде што можат, независно колку е почвата сушна.
-Добро е ако можат, да вршат седиба зашто кога ќе се начекаат првите есенски дождови, ако е посеано, може ќе има доволно влага за поникнување, објаснува Ангелески.
МИА