Независниот синдикат на Граѓански непрофитни организации дава целосна и безрезервна поддршка на братскиот синдикат: Самостоен синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, за генералниот штрајк којшто ќе се одржи на 11 април.
-Законите од трудовата сфера предвидуваат права, а тие права им следуваат на вработените во образованието и науката и истите треба да им се овозможат. Наставата е една од најважните области за општеството. Што би било општеството без наставниците кои вложуваат толку многу енергија и напор за децата да се развиваат лично и да научат знаење што ќе им служи во нивниот возрасен живот? Образовниот кадар во квалитетното образование не е само презентер на знаења и информации, тој е и стимулатор на личните, социјалните, когнитивните, емоционалните способности, вештини, вредности на учениците/нашата младина и иднина, што овозможува континуиран напредок на учењето. Отворената соработка, интерактивното влијание, професионализмот, емоционалната интелигенција се интегрираат како моќна комбинација во личноста на наставникот како педагошки водач, велат од Независниот синдикат на Граѓански непрофитни организации.
Од таму додаваат дека но, за жал во Македонија, платите на вработените во овие дејности се под просечната и се најмали во регионот и во Европа.
-Токму ова е најсилната аргуметирана причина зошто ние ГСНВО во целост ги подржуваме заложбите на СОНК во остварување на своите права преку зголемување на платите на просветните работници и воедно усогласување на платите со порастот на минималната плата во Македонија. Искрена порака до родителите испраќаме, во знак на поддршка на наставниците, во понеделник да најдат заменско решение и да не ги праќаат децата на училиште, истакнуваат од синдикатот.