Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература напиша колумна под наслов: “Никој нема право да се откаже од македонскиот јазик во име на европската иднина“.
Во продолжение ја пренесуваме неговата колумна:
Нападите и нафрлувањата против македонскиот јазик и македонската литература, а со тоа и против македонскиот народ, против нивното право да постојат и да се развиваат ниту се новина, ниту нешто поразлични од претходно. Истите гледишта на хегемонистите за македонскиот јазик, коишто потоа се одразени најповеќе во бугарскиот печат преку статии објавени во бугарските весници „Време“, „Работническо дело“, „Труд“, па потоа и засилени преку бугарската „научна“ политика, воскреснуваат и денеска. Конкретно преку Aнекс-декларацијата од март и Меморандумот до земјите-членки на ЕУ од септември надоврзувајќи се на Договорот за добрососедство со што претставуваат класична уцена од страна на Република Бугарија кон Република Македонија, ново вето за македонските евроинтеграции.
Најпоследно со т.н. „бугарски компромис“ се предлага Бугарија да ги признае македонскиот идентитет и македонскиот јазик, како еден од официјалните јазици во земјата, а за возврат Македонија да признае дека идентитетот и јазикот имаат бугарски корени. Крајно навредливо, дрско и безобразно за нас како Македонци. Целта е кристално јасна, а тоа е самоуништување на македонската нација, македонската автентична историја и посебноста на македонскиот јазик. Великобугарската теза е јасна: нема македонска нација, нема македонски јазик и сето тоа е измислица, па затоа се оди само на формулацијата „официјален јазк“.
Но дали навистина е тоа така и дали нешто што еднаш историски е докажано може да се побие со лажни факти и аргументи? Секако дека не! Па уште и Партенија Зографски во 12 точки ги издиференцира основните карактеристики на македонскиот наспрема бугарскиот јазик.
Дали Кочо Рацин ја напиша својата стихозбирка „Бели мугри“ по нечија наредба или на јазик измислен и создаден по диктат? Секако дека не!
Дали можеби јазикот во двете стихозбирки од Коле Неделковски е исто така измислен и созаден по диктат? Секако дека не!
Или јазикот во песните од Ацо Шопов? Секако дека не!
Зарем случајно Константин Миладинов пишуваше на македонски јазик? Секако дека не!
Зошто Војдан Чернодрински ја нарече својата драма „Македонска крвава свадба“ или пак Крсте Петков Мисирков своето дело „За македонските работи? Зошто МАКЕДОНСКИ, а не поинаку?
Не, секако дека македонскиот јазик не е измислен и создаден јазик по диктат, туку жив јазик на македонскиот народ кој подоцна ќе се оформи во современ стандарден јазик.
Да, и затоа ќе биде македонски јазик, а не друг јазик. Оформувањето на македонскиот јазик никогаш не може да биде ниту случајна појава, ниту измислена појава. Тоа е природен резултат како типичен израз на животот на македонскиот народ и оформување македонска нација. Токму во македонскиот јазик е содржано целокупно постоење и колективната меморија на македонскиот народ.
Не случајно тоа одекнува и во зборовите на Крсте Петков Мисирков:
„Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите предедовци и да почитува сè што имаат тие направено за своето потомство.
Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. Да се откаже од својот народен дух, пак, значи да се откаже од својата народност и припадност, со еден збор да се откаже од самиот себе“.
Никој нема право да се откаже од македонскиот јазик во име на европската иднина, тоа е аманет од нашите предци и завет за идните генерации. За да станеме дел од ЕУ, треба да го направиме тоа достоинствено, а не понижени.
Лицемерно е нашиот патриотизам да се квалификува како национализам.
Македонија не смее да го прифати т.н. „бугарски компромис“ затоа што со тоа Македонија и македонскиот народ ќе бидат како народ без корен, без своја историја и посебна традиција.
Многу е жално што македонските институции претпочитаат понизно да молчат. Немањето македонски црвени линии на власта е спротивно на македонските национални интереси. Негрижата кој јазикот од страна на власта е поткопување на темелите на државата. Нападите кон македонскиот народ и македонскиот јазик на сите ќе им се удрат од глава. Воопшто нема да нѐ поколебаат. Со уште поголема енергија ќе се залагаме да ги афирмираме македонскиот јазик, македонска литература, македонска култура како нераскинливо неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ и држава.