Дваесет и деветгодишниот Никола Бојковски од Куманово го извади Светиот крст од базенот во дворот на Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово.
– Очекувам благосостојба, среќа и здравје за сите, изјави Бојковски, кој неколку пати низ годините се обидувал, а сега првпат го фаќа крстот. Тој моментално е невработен и наскоро планира отворање сопствен бизнис.
Од свештенството доби икона, крст, накит од кумановска златара и други пригодни подароци од спонзори и општината.
Претходно, во Соборниот храм „Свети Никола“ се одржа и литургија по повод празникот Богојавление Водици. Верниците присуствуваа на литургија, дел од нив пресекоа славски колач, си зедоа осветена вода, се помолија за здравје, мир и благосостојба.