Да ја прашам Мила Царовска дали реформите со дигитализација се од лукаративни цели. Не може Царовска да се разбуди едно утро и да добие повик од Хрватска и да добие една или две лукаративни понуди од таму и да рече јас ќе терам дигитализација. Јавно ја прашувам дали мотивите позади таканаречената реформа во образованието се од лукративен карактер кој што е во десетици милиони годишно и дали е поврзано тоа со Хрватска. Нека одговори за ангажманот што ќе биде потребен на бројни надворешни советници, на ангажман на невладини организации без јасна слика по кој критериум ќе се бираат, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во “Студио 10” на Телевизија 24.
Оваа Влада е влада со најмала поддршка во Собранието во историја на македонската демократија. Силите се 51 наспрема 49 власт – опозиција. Кога е ваква ситуацијата власта има два избора. Или за крупните работи да разговара со опозицијата и да се усогласува или да води само проекти кои што нема да бидат оспорувани од опозицијата, рече Николоски.
-Имавме проекти кои што сметавме дека не се добри и затоа во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период реагираше, како што имаше иницијативи кои не беа добри на пример идејата беше со 50-тина загубени човечки животи дневно да се води попис и таа пандемија дополнително да се рашири. Па да ни се случи не дај боже индиското сценарио. Наша цел беше да се одложи пописот и пописот се одложи. Имаше проекти кои што беа битни за СДСМ и ние рековме добро во ред можеме да разговараме. Така функционира демократија каде што соодносот е 51 – 49, посочи Николоски.
Но, после тоа се случи едно насилие од страна на Талат Џафери кој што не знае на кое столче седи и каква е неговата улога, рече Николоски. Работата на претседателот на Собранието е да менаџира со истото и тоа да си функционира, а не да си тера личен хир. Ние сме конструктивни онолку колку што власта ќе дозволи, а претседателот на Собранието треба да е најдолу на таа пирамида и најмалку да покажува суета и ароганција.
-И второ многу побитно, некаде пред десетина дена се отвори една голема општествена тема. Образованието заедно со здравството се двете најголеми општествени теми кои засегаат најголем број на граѓани. Министерката за образование Мила Царовска најави дека ќе прави реформи во образованието со дигитализација на учебниците, промена на концептот на бирото за развој на образование, промена во високото и средното образование. За ваква реформа потребен е општествен консензус. Реформи во образование и во здравство не се прави без една силна општествена поддршка. На иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието дојдоа голем број на експерти, но ништо од тоа не беше прифатено од страна на власта и решија да ги пуштат законите на сила. Гледаме дека и родители и ученици се собираат се организираат и ќе видите дека на социјалните мрежи имаат групи со повеќе членови од најпопуларното лице во Македонија. Но, наместо тие да разговараат со опозицијата со синдикатите тие го повлекуваат законот и решаваат да го протнат со ЕУ знаменце, изјави Николоски.