Приказната на власта, новото мнозинство со Кастриот Реџепи и Алтернатива беше дека составуваат влада за почеток на преговори, еве нема датум. Сега го определуваат јануари за да ја состават таа влада дотогаш, па бидејќи и тогаш ќе нема датум ќе измислат нешто друго. Во суштина ова е влада интерес, не од национални и големи прашања како почеток на преговори, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Студио 10“ на Телевизија 24.
Николоски истакна дека новата бугарска власт ги разби тезите на власта дека ќе има датум и дека некој врши притисок за Македонија да го добие тој датум и дека новиот премиер Петков веднаш застана позади бугарската резолуција, а кај нас власта воопшто не ја споменува нашата резолуција и се однесува како да не постои.
– Она што го направи Петков во Бугарија е соочување со вистината, а таа е во две насоки. Првата е дека оваа политика на Бугарија не е персонална политика и на Борисов или Радев, туку е национална, затоа што тие усвоија заедничка позиција во Собрание од која не отстапува никој. Втората работа која јасно се гледа по формирањето на новата влада во Бугарија е дека се илузија најавите дека врз Бугарија има притисок, рече Николоски.
Тој посочи дека не само што нема притисок врз Бугарија, туку и постојат други земји членки кои не се согласуваат Македонија, па и Албанија да добијат датум и затоа на Бугарија како една од најслабите земји членки и е дозволено да блокира, иако има механизми тоа да се спречи.
– Нас не блокира најслабата земја членка на ЕУ, Бугарија на која повеќе и треба ЕУ, отколку што таа и треба на ЕУ. Постојат бројни механизми со кои Бугарија може да биде притисната, прво е финансискиот, каде треба да добиле 9 милијарди помош, тоа се носи со консензус и било која друга земја може да ја блокира таа помош, но тоа не се прави, рече тој.
Николоски истакна дека постојат две грешки кои се клучни во моментов, едната е групата со Албанија, втората е корупцијата.
– Грешка беше прифаќањето да се оди како пакет со Албанија, а втората грешка е состојбата со корупцијата. Основа на преговорите со ЕУ е владеењето на право и ако тоа не го завршите не може да одите напред. Држава која е рангирана на 111 место по корупција, едноставно не ја гледаат во својот клуб, нагласи Николоски.