Носителот на листа во Изборната единица 4 од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната средба со жителите на општина Кривогаштани најави поддршка за земјоделството.
Николоски се обврза дека неговата партија ќе го измени Законот за тутун со цел да се забрани увоз додека не се откупи домашното проиузводство.
-Тажната вистина е дека десетици, десетици и стотици килограми тутун минатата година останаа неоткупени и се уште ги гледам неоткупени во дворовите во четвртата изборна единица секаде каде што одам. Без разлика дали сум тука, во прилепско, или во Конче, во радовишко, во валандовско, во струмичко, секаде луѓето ми велат појди позади куќа да видиш што имам и гледам цели бали со тутун стојат непродадени, истакна Николоски.
Тој го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев да одговори дали основната причина за носење на Законот за тутун е поради тоа што „семејството Заеви влегува во тутунскиот бизнис“.
-Дали една од основните причина зошто се донесе закон за тутун е тоа што семејството Заеви влегува во тутунскиот бизнис односно сака да го преземе струмичкиот тутунски комбинат Струмица табак каде што веќе поседуваат акции, дали тоа е основната причина за ова однесување. Го повикувам Зоран Заев јавно да одговори на ова провокација која што ја игнорира со денови, како што со денови игнорира да одговори дали е во состојба да докаже потекло на сопственото богатство и капитал и богатство и капитал на неговото семејство, праша Николоски.
Николоски истакна дека проектот „Обнова за Македонија“ нуди над 1.000 проекти, а меѓу нив и многу проекти за земјоделците кои што ќе значат вреднување на трудот и маката на земјоделците.
-Отворање на можност за мали и средни претпријатија за откуп со вкупен фонд од околу 200 милиони евра бескаматни обновливи кредити за да може да имаа земјоделците загарантирана цена и навремена исплата на нивниот труд и нивното производство. Наводнување суштинско битно за цела Македонија. Имаме убаво поле, имаме земја, немаме вода, 20 милиони секоја година 80 милиони евра за четири години вкупно за акумулации за мали вештачки езера за ревитализација на постојаната каналска мрежа за наводнување и за изградба на нова мрежа за наводнување за да може да стигне вода до секоја нива и до секое поле, додаде Николоски, најавувајќи поддршка на млади земјоделци со неповратни грантови од 20.000 евра, едукација што е најдобро да се сади, како и поддршка до 50 проценти за механизација, за обновување на насади, како и за подигнување нови.