„Овде се работи за мерки кои се утре потребни на граѓаните, ние ги поднесовме во Собрание и сега е прашање на власта колку ќе има слух да ги прифати, да бидам искрен не сум голем оптимист затоа што покажаа дека не знаат да менаџираат кризи“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа.
Николоски ги спомена дел од мерките кои ги предлагаат во Собранието.
„Предлагаме намалување на акцизата на бензинот и дизелот за 50 проценти, чисто да имаат слика граѓаните тоа би значело бензин супер 95 да поевтини за 13 денари по литар, а дизелот за 8 до 9 денари по литар, не зборуваме за шминка туку зборуваме за реално намалување на цената која многу значи за џебот на граѓаните“, посочи Николоски.
Тој посочи дека со предложените мерки бараат да се одложи прогресивното оданочување кое треба да почне од 1ви јануари, кое може ништо не значи за граѓаните, но ќе значи многу за фирмите работодавачи затоа што со тоа ќе се зголемат даноците, а ако се зголемат даноците тогаш фирмите ќе мора да отпуштаат.
„Кај нас има еден систем на нето плата односно луѓето добиваат плата со платени даноци и сите мислат дека тоа е толку колку што добиваат на пример нето земаат 20 илјади или 25 илјади денари и тие мислат дека неговата плата е 20 или 25 илјади денари, во суштина тоа не е така бидејќи на тие 20 до 25 илјади денари се плаќаат уште давачки некаде околу половина што значи за некој да земе плата од 20 илјади денари неговиот работодавач треба да подмири 30 илјади денари, 20 илјади на работникот , 10 илјади денари на државата. Ако овие 10 илјади денари кои што ги плаќа работодавачот му станат 12 илјади денари со новиот предлог можеби нема да може да го издржи тој товар и ќе мора дел од тие вработени да ги отпушта“, потенцираше Николоски.
Николоски изјави дека доволно средства во буџет има и тие може да се насочат кон граѓаните
„Има доволно средства во буџетот кои може да се насочат кон граѓаните и на тој начин да се изрелаксира плиткиот џеб кој го имаат граѓаните, за колку толку да можат да покријат одредени трошоци и на тој начин да се компензира поскапувањето. Затоа што ако претходно во маркет со 1000 денари може да го наполнат цела торба сега не можат ни пола да ја наполнат и тука е идејата да се зголеми дотацијата за да граѓаните полесно ја пребродат зимата“, кажа Николоски.