Во тек се водат интензивни разговори и со други пратеници во Собранието за поддршка на Иницијативата за недоверба на владата, со што бројката ќе биде повеќе од 61 пратеник, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски денеска при поднесување на Иницијативата во македонското Собрание.
Тој истакна дека доколку во моментов треба да се гласа доверба на владата или најдоцна до четврток очекува повеќе од 61 пратеник да гласаат за недоверба на владата.
– Сакам да ја информирам јавноста дека во тек се интензивни разговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека иницијативата за недоверба на владата ќе ја поддржат повеќе од 61 пратеник, рече Николоски.
Тој посочи дека Иницијативата е поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, пратениците на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, пратениците на политичката партија БЕСА и пратениците на политичката партија Левица.
– Вкупно 61 пратеник ја потпишаа ова Иницијатива и 61 потпис се доставени заедно со оваа иницијатива до македонското Собрание. Очекуваме Претседателот на Собранието согласно роковите утврдени во Уставот и Деловникот во најбрз можен рок да свика седница на која што ќе се гласа за доверба на Влада, истакна Николоски.