„Сметам дека е здраво да ја одржиме оваа дебата денес, особено што од 2009-та година навака очекувањата се раѓаат најмалку два пати годишно, во јуни и во декември, но за жал не се реализираат од добри познати причини. Не би зборувал многу за минатото, повеќе би зборувал за иднината и за неколку предизвици кои што мислам дека стојат пред сите нас, а на кои што како држава мораме да имаме одговор. Јасна и неподелена е одлуката и на власта и на опозицијата и на клучните политички партии во државата дека поддржуваат зачленување на Македонија во ЕУ“, истакна Александар Николоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, на седница на Националниот совет за ЕУ интеграции.
Николоски додаде дека постојат предизвици за кои што е потребно да се говори и за кои што државата треба да добива јасни одговори од партнерите не само од Брисел туку и од поголемите главни градови од ЕУ.
„Доколку овој процес е замрзнат и е ваков каков што е се поставуваат најмалку две прашања, првото прашање е дали има јасна визија и стратегија за Македонија и за регионот, и второто прашање е кој е планот. Во континуитет и Македонија и регионот се соочуваат со криза, прво беше здравствената криза која што се уште трае. Во моментов веќе има енергетска криза за компаниите, а за граѓаните ќе започнат да чувствуваат следната година. На тоа неминовно ќе се надоврзе и сериозна економска криза, не само проследена со повисоки стапки на инфлација од она што се проектира за Буџетот следната година и што било проекција на инфлација за државата година наназад, туку и генерално низ намалена економска активност“, рече Николоски.
Николоски посочи дека ги наброја предизвиците со кои што Македонија се соочува и кои што делумно се производ на неуспешните политики на Владата но делумно се и регионални и глобални феномени за кои што до денеска не се добиваат одговори, ниту пак насоки, патокази каде државата може да се движи.
„Јас сум сериозно загрижен и го зборував тоа на претходната седница на Националниот совет дека енергетската криза ќе биде искористена за одредени други геополитички игри тука во регионот“, појасни Николоски.
Николоски укажа дека ако се соочи државата со ситуација да во соседството цената на електричната енергија остане по иста цена и да е со најниска цена во Европа заедно со Украина, а во Македонија да се плаќа највисока цена на електричната енергија, ако се соочи државата со ситуација Скопје да има проблем со парното во смисла или да поскапи три пати или да го нема, а во одредени други соседни градови тоа да го немаат тоа ќе отвори сериозни предизвици внатре во државата, но и во регионот.
„Како што мислам дека недостасува еден впечаток во јавноста, можеби реалноста е поинаква, но впечатокот е таков, а тоа е дека не постои посериозен притисок врз Бугарија. Постои декларативен притисок, постои притисок кој што е на зборови и тоа го гледаме сите, но сериозен политички притисок врз Бугарија не гледаме во изминативе три, три ипол години колку што е проблемот. А, сите сме свесни доколку има волја тоа може да се направи“, појасни Николоски.
Николоски запраша дали ќе има решение со Бугарија, ако нема притисок врз истата држава. И недостасува здрава дебата помеѓу општествената елита за регионот.