Ако внимателно ги следите тезите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе видите дека и ние истото го кажуваме дека Бугарија нема да запре овде. И конечно тоа го призна министерот за надворешни работи. Се поставува логично прашање зошто да се исполнат овие бугарски барања кога немаме никаква гаранција дека нема да стават вето за 6 или 12 месеци и дека нема да испорачаат нови барања и нема да се бара од нас и тоа да се реализира, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за вестите на Алфа.
Николоски истакна дека признанието на Османи е најдобар доказ дека ја лажат македонската јавност со години, како најдобар доказ за дволичната политика што ја водат.
– Министер за надворешни работи кој би имал доволно самопочит после вакво признание би се повлекол а владата би си дала оставка затоа што поставуваат ова како прашање број 1 во Македонија, рече Николоски.
Тој додаде дека јавноста повеќе од година дена е оптеретена со уставните измени кои нема да се случат.
– Уставни измени нема да има, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи и дозволи уставни измени под бугарски диктат. Но, ова признание на Османи е најдобар доказ за тоа што кажуваме дека барањата на Бугарија немаат крај, изјави Николоски.