Навистина денес е задоволство да бидам во посета на градот Велес, како што беше кажано имаме средба со градоначалникот и пратеникот, но исто така во попладневните часови ќе имаме средба и со граѓаните тука. Можам да кажам дека она што го ветувавме во текот на изборната кампања пред некаде два и пол, три месеци почнува да се реализира во општината, еден нов, енергичен, млад тим ја презема општината и можам да кажам дека првите чекори се успешни и задоволителни и се она што го очекуваа граѓаните. Секако предизвиците се пред нас и доаѓаат во следниот период, пред се во делот на реализација на програмата која што беше ветена во текот на изборите, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-За оваа година градоначалникот и општината имаат предвидено доста активности кои што се во насока на реализација на програмата, во делот на инфраструктурата, во делот на образованието, на пред школската грижа итн.
Секако загрижува ова што беше досега кажано од градоначалникот во однос на енергетската криза и тоа е нешто за што ние зборувавме од април минатата година, значи уште од далеку пред да се случи. За жал нашите предлози и апели не беа прифаќани, не беа сослушувани и се отиде на еден чист популизам каде што се лаже јавноста дека поскапувањето на електричната енергија ќе биде 10 проценти, кога сите гледаме дека во сето она што не е основно домаќинство односно во институции, во случајот во општината, јавни претпријатија, но и најбитно во стопанството, приватните компании поскапувањето е за 400 до 500 проценти.
Значи за четири до пет пати е повисока цената на електрична енергија што јасно ќе води кон затварање на голем број на фабрики односно компании затоа што не можат да издржат да плаќаат 400 до 500 проценти повисока цена на електрична енергија од таа која што ја плаќале до сега, а општините како што е во случајот Велес да се ограничат на основно преживување во текот на годината, наместо на реализација на капитални проекти.
Затоа се потребни брзи и итни чекори. Во однос на општините она што може најбрзо да се направи е да одат на регулиран пазар, наместо на слободен пазар и на тој начин да добијат по евтина електрична енергија. Ние сме спремни како пратеници доколку дојде предлог од Владата тоа да го поддржиме, без разлика што сме во опозиција, а во однос на компаниите потребно е директно да им се дадат поддршки затоа што Македонија се соочува со колапс, се соочува со ситуација каде што може 30.000 до 40.000 луѓе да останат без работа во следните три до четири месеци.
Поскапувањето исто така го гледаме на дневна основа. Според официјалните податоци на Заводот за статистика цената на маслото за јадење порасна за 25 проценти, цената на лебот и на основни продукти порасна за 10 проценти и тоа е една тивка инфлација која што ја гледаме на дневно ниво и наместо да се зафатат со решавање на овие проблеми, гледаме дворски игри во рамки на СДСМ и на Владата.
И затоа единственото решение, единственото реално решение за излез од оваа криза се брзи предвремени парламентарни избори, истакна Николоски.