ВМРО-ДПМНЕ води политика која што ја чувствуваме како вибрација од народот за одбрана на националните интереси на македонскиот народ кој во сите релевантни истражувања на јавното мислење е против така наречениот Францускиот предлог кој ги акцентираше и ги прифати сите бугарски барања и кој, за жал, владата на СДСМ и ДУИ го прифати, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој во своето гостување во емисија „360 степени“ на телевизија Алсат истакна дека преку 65 проценти од македонските граѓани се против прифатениот Француски предлог и дека ако се направи стратификација по етнички заедници, над 75% од Македонците се против, што значи дека против се и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и гласачи на СДСМ и тоа што раководството на владејачката партија не го слуша сопственото членство е нивен проблем.
„Кога ќе видите стратификација, тогаш гледате кај Македонците 75 проценти се против францускиот предлог, кога гледате стратификација по политички партии и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Што значи дека ние овде водиме политика која што ја чувствуваме како вибрација од народот. Тоа што има во СДСМ раководство, не мислам на цела партија, што не си го слуша сопственото членство е нивни проблем. Така што, јас би рекол дека ова е политика на народот, од причина што народот вака размислува“, истакна Николоски.
Додаде дека во една вибрантна демократија каква што е Македонија, каде што скоро секоја година има избори, не може да не се слуша гласот на народот, кој е изразен и преку испитување на јавното мислење.
„Минатата година имавме локални избори, вгодина се надевам ќе имаме предвремени парламентарни избори, 2024 година има претседателски, 2025 има пак локални, не може вие во такви услови да го негирате мислењето на народот, затоа што ако го негирате мислењето на народот завршувате во политичка пензија“, посочи Николоски.
Во однос на уставните измени, кои се услов за отворање на преговарачкиот процес со Европската Унија, Николоски вели дека не може власта на СДСМ-ДУИ да прифати обврска за двотретинско мнозинство кога го нема, не може власта да прифати двотретинско мнозинство без да го има, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на македонскиот Устав.
Николоски вели дека терминот Француски предлог, намерно се форсира од власта за да се прикаже во јавноста, еве не е до нив туку дека Французите така предложија, а во суштина Франција само претседаваше во тој момент со Европска Унија и тој повеќе би го нарекол предлог отколку француски предлог, додека пак во врска со преговарачката рамка, вели дека ништо не е библија, ништо не е непроменливо, секоја работа може повторно да се седне и да се разговара и преговара.
„Во однос на последиците, факт е дека последиците се тешки, факт е дека Македонија е ставена во една исклучителна лоша позиција со прифаќање на еден исклучително лош предлог. Наша патриотска задача и должност ќе биде да направиме најдобро можно за државата. Конкретен план ќе можам да ви кажам кога ќе сме во Влада, затоа што ги немаме сеуште сите аспекти. Но, дефинитивно нема да прифатиме ваков предлог за понижување на македонскиот народ, јазик, историја, култура“, посочи Николоски.