Во вакви услови, да се зема заем којшто ќе го враќаат следни генерации од 900 милиони евра, а при тоа ништо да не се помогне на земјоделците тоа претставува рамно национална катастрофа и освен што тераат високи политики министерот за надворешни работи, премиерот и министерот за земјоделие не се растрчуваат да најдат пласман, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета во Неготино.
Николоски посочи дека не знае како не им е срам да одат во Србија и да молат за жито и за масло. Во услови кога македонската земја раѓа најквалитетен сончоглед, може да раѓа добра репка од која исто така може да се произведува масло и исто така добро жито.
– Во вакви услови наместо да се стимулира македонското земјоделие, власта моли во Србија да добиеме жито, брашно и масло и во исто време не се бара пласман за македонските производи. Покрај високата политика треба малце да се спуштат на земја, да дојдат тука во Неготино да прошетаат по селата нивите и да ја видат маката на земјоделците. Кога власта оди на тие скапи патувања и кога ќе седнат со колегите од другите држави потребно е да го понудат македонскиот земјоделски производ, рече Николоски.
Николоски вели дека состојбите во земјоделието се апсолутно катастрофални, минатите две години имавме најлоши може видени години во земјоделието, особено во овој крај со откупот на грозјето, каде земјоделците не можеа да го продадат својот род или се продаваше по исклучително ниска цена. Имаше проблеми со откупот на тутунот, имаше проблеми исто така со пласманот и на рано градинарските производи.
Николоски потенцираше дека оваа година состојбата заради војната во Украина е уште полоша, веќе сериозен проблем со пролетната зелка, минатата година се откупуваше по 30 денари, а годинава се откупува по 15 денари. Следува извесен проблем со откупот на грозјето, понатаму праската ќе нема каде да се пласира, а истото е и со малината, вишната и црешата.
– Во вакви услови Владата не прави ништо, паралелно на тоа трошоците се зголемени, цената на нафтата е зголемена двојно, цената на ѓубривата е зголемена тројно до четири пати, ако вреќа ѓубриво минатата година се купуваше за 500 до 600 денари оваа година се купува од 1600-1700 денари па нагоре и сите останати услови за земјоделците се отежнати, кажа Николоски.