Претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, доктор Игор Николов во денешното гостување во Дневникот во Сител Телевизија, истакна дека од состојба на се’ е под контрола сега имаме драконски рестриктивни мерки од власта, а сеуште не сме вакцинирале ни пола од популацијата со една доза.
-Ова што се предлага тешко е да се реализира, тешко е на популацијата да и се објасни од една состојба на се’ е под котрола и немаме никакви проблеми, одеднаш треба да се воведе некој вакцинален пасош или некаква „ѕвезда“ којашто треба да биде пас за поминување или влез било каде, вели доктор Николов.
Тој посочи дека власта само препишува нешто кое се прави на други места, а не успева да ги искористи алатките коишто тие земји кои овие мерки ги предлагаат или ги спроведуваат истите ги искористија, а тоа е вакциналниот процес.
-Вакцинацијата наместо да биде силно забрзана и масовна, има земји кои вакцинираа над 70% популација и тоа втора доза, а ние имаме 32% со прва доза само и со овие бројки се фалиме, и нормално од состојба во која се беше под контрола и без контрола на границите, одеднаш предлагаме рестриктивни и драконски мерки во коишто бараме некој да биде вакциниран, а летово беше затворена најголемата сала за вакцинација, истакна Николов.
Тој вели дека граѓаните се сведоци дека вакциналните пунктови буквално беа навјасани овие денови и начинот на кој се прави вакциналниот процес со дискриминација на луѓето и начинот на кој се носат небулозни мерки од состојба на целосно нормална состојба. -Згора на се лудите забави кои се случуваат насекаде говори дека ова е состојба која е резултат на одлуките на власта да се дозволи такво однесување и сето ова не доведе во состојбата во која сега е наоѓа земјата, потенцира доктор Николов.
Во врска со вакцините доктор Николов вели дека прво немало доволен број на вакцини, потоа дека популацијата не била доволно информирана а и не биле користени стимулативни мерки, а и сега не се знае дали овие мерки се стимулативни или имаат за цел да се спречи ширењето на вирусот.