понеделник, 26. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

НОВ ЦЕНОВЕН ШОК: Ако Владата не го прифати ова- по Велигден, месото ќе поскапи и до 40%

НОВ ЦЕНОВЕН ШОК: Ако Владата не го прифати ова- по Велигден, месото ќе поскапи и до 40%

Граѓаните ги очекува нов ценовен шок за неполни две недели. Од групацијата за производство на месо и преработки од месо алармираат дека месото и сувомеснатите производи ќе поскапат од 20 до 40% по велигденските празници.

Месната индустрија бара да продолжи важноста на мерката ослободување од царина на смрзнато свинско месо за преработка.

Дали зголемувањето на цените на месните преработки ќе биде за 20, 30 или можеби 40 отсто ќе зависи од тоа дали владата ќе ги врати редовно одобруваните количини од 6.400 тони за увоз на смрзнато свинско месо, односно ослободување од царина на увозот на смрзнато свинско месо за преработка, дали месната индустрија ќе биде вклучена во новите мерки и од веќе зголемените цени на месото на светскиот пазар.

Ова го соопштија денеска на прес-конференција од Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни преработки при Стопанската комора која бара да продолжи рокот на мерката ослободување од царина на увозната суровина – смрзнато свинско месо за преработка.

Групацијата тврди дека, ако не се прифати ова нивно барање ќе следи драстично зголемување на цените, а може да се очекува и згаснување на некои од преработувачките капацитети.

-До престојните празници ќе издржиме со овие цени, иако дел од компаниите веќе ги зголемија цените, но по празниците драстично ќе се зголеми цената на месните производи. Доколку не бидат одобрени скратените количини на веќе донесената одлука, истакна Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за месна индустрија.

Тој рече дека Групацијата не бара субвенции, туку услови за работа како во соседството.

-Ние не бараме субвенции, туку само еднакви услови за стопанисување, со оглед дека оваа суровина целосно ја увезуваме од ЕУ каде што нема царина. На тој начин, домашната месна индустрија ќе може да опстои и да го задржи постоечкото ниво на производство, нема да има отпуштање на вработените и не би биле на товар на државата, рече Трајчев.

Групацијата неодамна до Министерството за економија поднесе барање за враќање, односно за ослободување на скратените количини од последната мерка на Владата за укинивање на царинските давачки на замрзнато свинско месо за преработка. Денеска од Групацијата упатија апел до владата да се реализира ова барање.

– Целта на барањето е да се вратат редовните количини кои во регуларни услови на стопанисување и беа одобрувани во изминатите три години, а во октомври 2020 година беа преполовени на 3.200 тони, иако беше измината скоро една година од појавата на пандемијата, подвлече Трајчев.

Од Групацијата велат дека доколку не се одобрат количините кои и претходно беа одобрувани и тоа навремено, односно за помалку од еден месец, може да случи пропаѓање на уште некој капацитет од месната индустрија.

– Индустријата користејки ја оваа мерка од 2018 година наваму, соодветно одговори на увозот на готови производи од странство преку негово намалување за над 28 отсто или од 13 милиони килограми во 2017-та на 9 милиони во 2020 година. Притоа, дел од капацитетите остварија и извоз во земјите на ЦЕФТА, рече Трајчев.

Најнови вести