Протестот на Туристичко угостителската комора продолжува и денеска. Од Комората вчера најавија дека ќе протестираат се до исполнување на барањата.
Членовите на Туристичко-угостителската комора, претставници на угостителските објекти, ноќни клубови, ресторани за свадби, игротеки, туристички агенции, туристички водичи и превозници, вчера пред Министерството за финансии започнаа протест преку кој бараат континуирана финансиска поддршка за спас на овие дејности.
Под мотото „Ќе можете ли“, ги повикува надлежните институции итно да ја обезбедат бараната финансиска поддршка.
– Угостителскиот сектор од почетокот на кризата минатата година се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосен прекин на активноста, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Ние во изминатите години докажавме дека знаеме и можеме да работиме, и од нула изградивме претприемачки извор на егзистенција преку кој чесно ги издржуваме нашите семејства. Сега без наша вина, не сме во можност да работиме, а тоа ја доведува во прашање не само иднината на деловните субјекти туку и егзистенцијата на нашите семејства. Затоа и ги повикуваме надлежните институции да се потсетат на нивниот изборниот слоган „Можеме“ и да покажат дека навистина можат и да ни помогнат кога тоа навистина ни е потребно за спас на дејноста на правните лица и егзистенцијата на нашите семејства. Денеска сите ние од тука јасно и гласно ги прашуваме „Ќе можете ли?“ да одговорите на барањата и да ни ја обезбедите помошта која е потребна, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.
Се бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, и кои со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места туку немаат никаква помош ни за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.
-Под помош не сметаме понуди од владата за користење на кредити од Развојна банка, тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаме два. Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа. Исто така бараме и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година како и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и Развојна банка се додека не ни дозволи владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор, велат од туристичко-угостителската комора.