Македонскиот државјанин кој беше меѓу тројцата наши граѓани на бродот „Дајмонд принцес”, закотвен во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, и кај кој е потврден коронавирус, има блага форма на заболувањето и е транспортиран во болница во градот, информира денеска д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Таа рече дека за тројцата наши граѓани кои се на бродот во пристаништето во Јокохама, редовно комуницираат преку меѓународниот здравствен правилник со нивните колеги од Јапонија.
– Тие редовно не известуваат на два дена каква е нивната здравствена состојба и дали има промени или во статусот на позитивност или негативност. Добивме информација дека еден од нив е тестиран позитивен на коронавирусот. Се работи за блага форма на заболување, меѓутоа со оглед на рутинските процедури, овој наш граѓанин е транспортиран во болница во Јокохама и таму е на лекување, потенцира д-р Кузмановска.
Во меѓувреме, јапонското Министерство за здравство соопшти дека уште 44 лица на крузерот „Дајмонд принцес“ се заразени од новиот коронавирус. Со тоа бројот на заболени на бродот, на кој во карантин се повеќе од 3.500 патници и членови на екипажот, се зголемил на 218, од 713 лица колку што досега се тестирани.
Инаку, министерството за здравство денеска информираше дека согласно најновите информации добиени од јапонските надлежни органи, дојде до промена во однос на состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат на бродот „Diamond Princess“ во Јокохама, Јапонија.
Амбасадата на Република Македонија во Токио е во комуникација со македонскиот државјанин. Воедно, амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на корона вирусот.
Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 годишна возраст и лица со хронични заболувања.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија, преку амбасадата во Токио, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во Јапонија и остварува комуникација со надлежните јапонски органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на корона вирусот.
Министерството за здравство апелира до граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција:
• Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
• Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
• Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
• Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни.
• Задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол;
• Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.