Странските инвеститори Џонсон Мети и Ван Хол го редуцирале својот работен персонал во скопската индустриска развојна зона, а кризата предизвикана од пандемијата и натаму удира по компаниите кои се едни од најголемите работодавачи и најголеми извозници во Македонија. Сепак вакви процеси биле почнати и во Аптив, Кромберг и Шуберт, ODW Електрик.
Според она што го дознава „Фактор“ од вработени во Џонсон Мети, околу 60 работници со постојано вработување и повеќето од нив вработени од основањето на компанијата во земјата, се отпуштени на крајот од минатата недела во две групи од по 30-мина.
Со работниците биле постигнати договори да добијат како технолошки вишок шест просечни плати пресметано од последните шест месеци. Велат дека иако првично тоа не им се допаднало, на крајот сето тоа требало да изгледа како спогодба со производителот на катализатори, кој на глобално ниво донесе одлука за систематизација, според која од 1 октомври треба да се намалат 20 отсто од работните позиции и да се укинат одредени оддели.
Џонсон Мети во претходен одговор ова го демантираше и најави дека останува на заокружената бројка од 1.000 вработени.
-Може да потврдиме дека се консултираме со мал број колеги во Скопје, но се однесуваат само на неколку работни позиции. Овие разговори се одвиваат за да ни овозможат да направиме мали промени за да бидат во тек со Оперативниот Модел на фабриката. Ова гарантира начин на работа со стандард во секоја од нашите фабрики и се имплементира во нашата мрежа за да се осигуриме дека нашите објекти се подготвени за иднината. Нашиот објект во Скопје останува еден од најголемите, со повеќе од 1000 вработени луѓе. Остануваме целосно посветени на локалното подрачје, кое има критична улога во нашите идни успеси. Само за да се избегнат какви било недоразбирања, ова нема никаква поврзаност со Covid-19 и освен овие мали промени, нема да има никакви отпуштања, гласи одговорот на компанијата.
Од Ван Хол одбиваат да кажат за колкава бројка на новоотпуштени работници станува збор, но потврдуваат дека на дел од нив им истекол договорот и со истите не е продолжен, додека на преостанатите, иако биле ангажирани на неопределено, им се заблагодариле за услугите.
– Имаме намален обем на работа што се должи на намалената побарувачка во странство. Поради тоа бевме принудени да го редуцираме бројот на вработените. Согласно нашите планови, до крајот на годината не планираме дополнителни отпуштања, меѓутоа за 2021 не се знае, ни изјави Аврам Стојчевски директор на производителот на автобуси, приколки и други комерцијални возила.
Стојчевски вели дека збирот на откази е интерно прашање на инвеститорот и дека не станува збор за драматична бројка, како и дека се гласини некои најави дека Ван Хол планира затворање на одреден период.