Новинарите- членови на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска избираат наследник на досегашниот претседател Насер Селмани.
Копјата ќе се кршат меѓу Младен Чадиковски и Стојанче Наумов. Како што беше соопштено пристигнати се и 29 кандидатури за членови во Управниот одбор, шест за членови во Надзорниот одбор и 4 за членови во Советот на честа.
Изборното собрание на ЗНМ ќе започне во 10 часот, а се одржува во спортската сала „Борис Трајковски“.
Младен Чадиковски во моментов е главен и одговорен уредник во Телевизијата 24 вести, а претходно беше директор во неделникот “Фокус“. Чадиковски работеше во приватната А1 телевизија се до нејзиното затворање.
Стојанче Наумов, пак, доаѓа од Канал 77.
-Мојата кандидатура произлезе од разговорите со повеќемина колеги, некои од нив во самото ЗНМ. Работата е многу повеќе одговорна, одошто атрактивна, особено сега кога ЗНМ е силно здружение. Но, се прашувам дали е доволно само ЗНМ да биде силна организација. Не, мислам дека е многу поважно новинарството да биде силно, новинарската професија да си ја врати атрактивноста, кажа кандидатот за претседател на ЗНМ.
Наумов пак ветува дека ќе се залага за одвоеност на сопственоста, управувањето од уредувачката политика, внатрешни кодекси и статути во редакциите, јакнење на саморегулаторните и регулаторните тела, соработка со маркетинг секторот и огласувачите, иницирање на кодекси и правила на однесување кај огласувачите на пазарот на реклами. Меѓу приоритетите на Наумов се и медиумска писменост и гласно јавно зборување и посочување на пропагандистите.