НСДП на првиот одржан состанок на Извршниот одбор дискутираше за актуелната политичка состојба во државата, со посебно внимание за билатералниот спор со соседна Република Бугарија и јасно ги утврди ставовите на партијата во врска со билатералниот спор, се вели во соопштението испратено до медиумите.
-За НСДП спорот со Република Бугарија може да се реши ако се почитуваат Договорот за пријателство, добрососедство, и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан на 1 август 2017 година и Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на бликадите на европските интеграции донесена на 29 јули 2021 година од Собранието на Република Северна Македонија. Република Северна Македонија неправедно чека почеток на преговорите со Европската Унија и покрај одлуката на Европскиот совет во март 2020 година за безусловен старт на преговорите со нашата држава. НСДП ги почитува напорите на француското претседателство за изнаоѓање решение за решавање на спорот, но францускиот предлог за решавање на спорот за НСДП е неприфатлив. За НСДП единствено е прифатлива преговарачка рамка со јасна и чиста формулација за македонскиот јазик и јасна заштита на македонскиот идентитет, во слгласност со Декларацијата која ја донесе македонското собрание. Не прифаќаме историските прашања да влезат во преговарачката рамка. За историјата сметаме дека треба да разговараат историчарите без политички притисоци. Бараме дополнителни гаранции од Република Бугарија и Европската Унија дека нема да се испорачаат нови барања, надвор од преговарачката рамка. Исто така сметаме дека последниот Самит на Европската Унија за Западен Балкан претставува сериозен удар врз кредибилитетот на Европската Унија, истакнуваат од НСДП.
Неодржувањето на меѓувладината конференција Европска унија со Република Северна Македонија предизвикува дополнително намалување на подршката за процесот на интеграција во унијата кај граѓаните на Северна Македонија, додават од таму.