Угостителите се со единствен став дека не смеат да бидат опфатени на кој било начин во ограничувањата и условувањата за начините за работа во недела и целокупната угостителска индустрија мора да биде изземена од комбинации во иницијативата недела да биде неработен ден и за угостителството, соопшти Независната угостителска комора (НУК).
Од НУК порауваат дека за сите угостители е неприфатливо какво било алтернативно решение, како што се најавува, со што одделни угостителски објекти во зависност од некои услови би можеле да продолжат да работат и во недела со обезбедување дополнителни потврди или лиценци за нивна оправданост.
-Какво било ограничување со кое на дел од угостителите ќе им биде ограничено или условено работењето во кој било ден, не само недела, е дискриминација и деградација на тие угостители, истакна НУК во допис до медиумите.
Комората ја поздравува прифатената иницијатива на Владата и потребата од законско прогласување на недела за неработен ден, но укажува дека за разлика од минатото кога семејните неделни ручеци, слави и веселби се правеле во домовите, денес тие многу често се одржуваат во кафеани.