Се оградувам од политиките на лидерот на партијата Обединети за Македонија и преминуваме во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, истакна денес во Могила, Борче Бучински.
-Бошковски со неговите политики ја предадоа Македонија. Со години се боревме за зачувување на државата, патриотизмот го гледавме во него, денес сме сите изиграни. Членството во Могила за оваа партија престанува. Од денес Македонија има големи потреби да му се помогне на ВМРО-ДПМНЕ, да му се помогне на Христијан Мицкоски. Да ги следиме неговите политики за да си ја зачуваме државата. Од денес пристапуваме кон ВМРО-ДПМНЕ, рече тој.
Бучински во општина Могила е независен советник, а од денес ќе работи со ВМРО-ДПМНЕ.
-Оваа Влада е погубна за земјоделието во Македонија. Земјоделците не ги гледа како земјоделци туку ги третира како нешто друго. Имаме стотици примери и забелешки на оваа Влада. Што поскоро да си замине, порача тој.
По изјавата, ги искинаа и членските книшки на Обединети за Македонија.
На средба со Бучински беше членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој порача:
-Обединети за Македонија во нашите редови, ние испраќаме две силни пораки. Првата порака е дека од една страна и покрај притисоците, заканите и уцените со кои што се соочуваат граѓаните во Република Македонија сепак ние успеваме и се трудиме да бидеме оние кои што ќе бидат единствена алтернатива и вистински обединители на десницата во Република Македонија. Втората порака е дека заеднички како Македонци, обединети Македонци ќе успееме на крајот од денот заедно да се избориме против оваа ненародна и криминогена власт, која што гледаме дека ширум Република Македонија освен зло и црнила што донесе за нашиот народ, нема ниедно суштинско добро. Ние има е две години во кои што Зоран Заев и неговата Влада немаат предизвикано ниедна состојба со која што ќе го подобрат животот и условите на живот на нашите сограѓани. Напротив гледаме дека владее беда и мизерија во Република Македонија, да тргнеме од земјоделците како што е во овој регион овде, па до сите други гранки во општеството владее тотален хаос. Ние и понатаму како сериозна партија, како стожер на македонското општество нудиме подадена рака за сите оние кои што сакаат да се приклучат во борбата против оваа ненародна и криминогена власт, да пријдат, да пристапат во нашите редови и заеднички да се избориме против ова зло кое што е во моментов надвиснато над Република Македонија, истакна Ѓорѓиевски.