Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на националната конференција за ментално здравје „Напредок и понатамошни чекори“ што се одржа во организација на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје со цел да се изгради коалиција на партнери кои работат заедно меѓусекторски и пристап на целата заедница за подобрување на менталното здравје на децата и адолесцентите.
Поздравувајќи ја значајната студија изработена од УНИЦЕФ во соработка со Универзитетската клиника за психијатрија од Скопје со која се добива појасна слика за состојбата во земјата по ова критично прашање и насоки како да се надминат овие предизвици, сопругата на претседателот во своето обраќање истакна дека е неминовен заеднички ангажман на сите релевантни чинители, носители на одлуки, здравствени, образовни и социјални инстанци и навремен институционален одговор.
Според г-а Ѓоргиевска, во текот на изминатите неколку години, направени се чекори за подигнување на свеста за менталното здравје и разбивање на стигмата поврзана со него, при што сѐ повеќе луѓе зборуваат за нивните сопствени борби со менталното здравје, сѐ почесто се разговара за корелацијата меѓу менталното и физичкото здравје, но, очигледно имаме уште многу работа, и како индивидуи, и како колектив.
„Сериозноста на ситуацијата налага меѓусекторски одговор за доследна примена на националната стратегија, како што сугерираат и самите студии: преку повеќе инвестиции во услуги за менталното здравје и психосоцијална поддршка за сите деца, адолесценти и семејства, поддршка за семејствата преку програми кои промовираат позитивно родителство и грижа, промена на наративот за перцепцијата на негата на менталното здравје“, нагласи г-а Ѓоргиевска.
Сопругата на претседателот истакна дека е потребно да ги срушиме стереотипите и да создадеме амбиент во кој грижата за менталното здравје ќе биде општо прифатена, а не табу тема, додавајќи дека треба да се погрижиме нашите деца, партнери, колеги, пријатели да се чувствуваат безбедно и поддржано кога зборуваат за проблемите низ кои поминуваат, како би им подале рака да излезат од вртлогот на негативни емоции и мисли, неретко проследени со анксиозност или депресија.
На настанот воведно обраќање имаше Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ, а на панел дискусијата „Менталното здравје на децата и адолесцентите – Потреба од меѓусекторско делување“ се обратија министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменик-министерот за образование и наука, Агим Нухиу, заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусеин и директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров.
На панел дискусијата „Осврт на искуства и научените лекции во областа на менталното здравје“ се обратија Маргарита Спасеновска, претставник на СЗО во Северна Македонија, училишниот психолог во СУГС Гимназија „Никола Карев“, Гордана Блажевска Спиридонова и клиничкиот психолог во Универзитетската клиника за психијатрија, Иво Куновски. Во рамки на настанот беа претставени резултатите од двете студии за ментално здравје за адолесценти и нивните старатели и жени во перинатален период, развиени во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија.