Знаци на купување на гласови и проблеми со Изборниот законик, ова се едни од забелешките на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за вториот круг од гласањето. Кои покажуваат дека изборниот ден не поминал во најфер атмосфера како што се обидува да интерпретира власта.
-Како и во првиот круг, некои гласачи со право на глас не можеа да се најдат на избирачките списоци. Во неколку случаи, меѓународната набљудувачка мисијазабележа знаци на купување гласови. Набљудувачите на кандидатите или граѓанските набљудувачи беа присутни во повеќето гласачки места и општинските изборни комисии што беа набљудувани и можеа да ги следат сите фази од процесот, се вели во првичниот извештај.
Мисијата забележува „недостатоците во правилата за кампањата беа повторно видливи во вториот круг, што одразува поопсежни недостатоци во изборниот законик“.
-Транспарентноста на финансирањето на кампањата беше намалена поради нецелосното известување. Денот на изборите се одвиваше непречено, со почитување на клучните постапки на транспарентен начин. Законската рамка е соодветна за спроведување демократски избори, но не ги регулира сите аспекти за одржување на вториот круг, особено во поглед на водењето на кампањата, финансирањето на кампањата и регистрацијата на гласачи. Регулаторните недоследности евидентни во првиот круг останаа неодговорени. Ова ја намали правната сигурност и дополнително ја истакна важноста на законодавната реформа, се вели во прелиминарните заклучоци на набљудувачката мисија.
Според мисијата видливоста на материјалите за информирање на гласачите остана ограничена. Мисијата укажува дека „избирачкиот список не беше ажуриран меѓу двата круга, за да ги отслика промените во податоците за регистрација на граѓаните, што ги лиши од можноста да го остварат своето право на глас гласачите кои инаку го имаат, што не е во согласност со меѓународните обврски“.
Според набљудувачката мисија констатира и дека „ДИК постапуваше по приговорите поврзани со неправилностите во првиот круг отворено и делотворно. Резултатите од гласањето од првиот круг беа поништени на осум избирачки места, а нивните избирачки одбори беа заменети“.
На изборни нерегуларности се пожали и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде најавија и претставки до ДИК, но и кривични пријави против сите прекршители на законите.