По спроведена истрага од меѓународни рамки во која беа вклучени и меѓународните организации ОЛАФ и ЕУРОПРАВДА, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, поднесе Обвинителен акт против две лица. Врз основа на прибраните докази во текот на истражната постапка на првообвинетиот Ј.Ј. (48) му се става на товар дека во соизвршителство со второобвинетата Ј.Г. (53) сторил кривично дело – „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 ст.5 в.в.ст 3 и 1 вв член 22, кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по чл. 273 став 1, како и кривично дело – „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 став 1 од Кривичниот законик, додека второобвинетата сторила кривично дело – „Злоупотреба на службена положба и овластување“по член 353 ст.5 в.в.ст 3 и 1 вв член 22 и кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по чл. 273 став 1 од Кривичниот законик.
Имено, во периодот од месец октомври 2012 година до април 2017 година, првообвинетиот како службено лице – именуван функционер и Претседател на Управувачки комитет на проект, заедно и по претходен договор со второобвинетата – раководен државен службеник и член на Управувачкиот комитет, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за едно правно лице од Р.Италија, постапиле спротивно на нивните службени обврски и ги искористиле своите службени положби и овластувања.
Обвинетите, спротивно на принципот за доверливост и на принципот за еднаков третман на апликантите дефинирани во PRAG/ПРАГ – „Практичното упатство“ кое е задолжително за постапување на сите корисници на средства од ИПА фондови, иако биле свесни дека е недозволиво, споделувале доверливи тендерски информации за условите за работење и „ТОР“ (Terms of references) за два ИПА проекти што се спроведувале во две министерства. Правното лице од Италија ги искористило неовластено споделените информации и изготвило понуда адаптирана на потребите и ги исполнило сите технички и финансиски услови. Воедно, обвинетата Ј.Г. во претходен договор со обвинетиот Ј.Ј. за едниот проект помогнала при изготвувањето на финансиската понуда на правното лице – апликант и ја прилагодила согласно на условите кои биле објавени во тендерот. Со ваквите дејствија обвинетите му овозможиле на правното лице да има незаконита правна предност во однос на другите апликанти на тендерите и истото да биде избрано за изведувач на проектите.
Како награда за поддршката, обвинетите од страна на италијанското правно лице освен со туристички патувања биле наградени и со парични средства. Па така, првообвинетиот со дејствијата што ги извршил за себе прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 2.609.445,00 денари или 42.430 евра, додека второобвинетата за услугите што ги извршила за време на спроведување на проектите противзаконито се стекнала со 3.508.698,00 денари, односно 57.052 евра кој износ правното лице го исплатило од паричните средства наменети за спроведување на проектот на нејзина сметка отворена во Р.Грција.
Со преземените дејствија обвинетите ја довеле во прашање законитоста на спроведените проекти. Европската Комисија согласно член 29.1 од Рамковната спогодба склучена меѓу Р.С.Македонија и Европската комисија за правилата за соработка во однос на финансиската помош на Европската Комисија за Република Македонија, во рамките на спроведувањето на помошта според инструментот за претпристапна помош (ИПА), преку Генералниот директорат за проширување и соседска политика, побарува поврат на средствата доделени за спроведување на проектите во висина од 982.307,65 евра за првиот проект, односно 771.620,20 евра за вториот проект. Износот во вкупна вредност од 1.753.927,85 евра треба да се врати на Европската Комисија, а на штета на Буџетот на Р Македонија.
При претресот на домот на првообвинетиот во текот на 2019 година беше пронајдено оружје – пиштол марка ,,Luger,, што не e евидентиран во евиденциите за оружје и што обвинетиот неовластено го поседувал.