Обвинителствата, кои и со намалени човечки ресурси, но со добра организација, не само што го совладаа приливот на нови предмети, туку го намалија заостатокот на нерешените, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година.
– Во извештајната година биле примени пријави против 19.934 познати сторители на кривични дела и заедно со пренесените 13.421 незавршени предмети од 2021 година јавните обвинители постапувале по вкупно 33.355 предмети против познати сторители, покажува Годишниот извештај кој беше доставен до Собранието и е достапен на следниот ЛИНК, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Овие податоци, како што посочуваат од ЈОРСМ, покажуваат дека секој јавен обвинител во основно јавно обвинителство во текот на годината просечно имал во работа по околу 192 предмети. Оваа бројка во одредени обвинителства, со оглед на нивната надлежност, е и значително поголема.
Од ЈОРСМ велат дека и со значително намален број јавни обвинители, бидејќи не се пополнети една третина од систематизираните места за јавни обвинители, со нецелосно пополнета јавнообвинителска служба и недоволни финансиски средства за работа, обвинителствата и во 2022 година успеаја да го совладаат приливот на нови кривични пријави, и да го намалат бројот на нерешени предмети.
-Одлучувајќи по предметите, основните јавни обвинители поднеле обвинителни предлози против 4.829 (24,3%) лица, предлози за казнен налог против 4.458 (22,5%) лица, од донесените 1.397 наредби за спроведување истрага против 1.087 лица поднесени се обвинителни акти, предлог спогодба во скратена постапка поднесена е против 114 (0,6%) лица, против 849 (4,3%) лица пријавите се решени на друг начин, а против 8.207 (41,3%) лица пријавите се отфрлени врз основа на член 288 од Законот за кривичната постапка и од други причини. Покрај тоа, спрема 600 (60,7%) деца поднесени се барања за подготвителна постапка, спрема 5 деца поднесен е директен предлог за санкција и спрема 353 деца (35,7%) кривичните пријави се отфрлени, се посочува во соопштението.
Од надлежните судови, како што велат од ЈОРСМ, биле донесени пресуди против вкупно 10.680 лица, од кои за 9.577 пресудите биле осудителни врз основа на поднесеното обвинение.
-Во текот на целокупната постапка, јавните обвинители се грижеа за почитување на правата и на оштетените, но и на осомничените и на обвинетите. Така, мерка притвор беше побарана само за 3,2% од сторителите на кривични дела и само тогаш кога таа беше единствен начин за да се обезбеди натамошното непречено одвивање на кривичната постапка, се истакнува во соопштението од ЈОРСМ.